Отворен проектот Регионална мрежа за културна разновидност


Создавање на интеркултурна толеранција преку отворање нови канали за комуникација за независните културни заедници, има за цел проектот Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД) што денеска и официјално се отвори во Скопје.

Како што посочи на денешното официјално отворање проектниот менаџер, Марија Чорбева-Пеновска, проектот е од времетраење од четири години, почна од септември годинава, а ќе заврши во август 2024 година.

Ќе се имплементира од страна на Гете-институт Скопје, како проектен координатор, и Центар за балканска соработка – Лоја од С.Македонија, „Instituti I Librit dhe i Promocionit“ од Албанија, „Kalem Culture Association“ од Турција, „Krokodil“ од Србија, „Qendra Multimedia“ од Косово“ и пет партнерски организации од регионот.

-Од особено значање за овој проект е да се подржи иницијативата за поддршка и усогласување на добрососедските односи на државите од Западен Балкан, кои се соочуваат со разни предизвици на постсоцијална транзиција, демократизација и европеизирање, рече Чорбева-Пеновска.

 

Таа посочи дека преку поттикнување на културата на читање и понуда на квалитетни литературни дела од регионот, проектот се стреми да ги промовира меѓукултурните читачки вештини и демократски вредности.

Според заменик директорот на Гете-институт Скопје, Фалк Шлајхер, главната цел е комуникација на дневна основа, поддршка, но и меѓусебно културно разбирање и толеранција.

-Граѓанското општество е двигател на промени, ние го поддржуваме но и чувствуваме дека уметноста и културата се мото кое понекогаш може да обезбеди поголема сигурност, толеранција и разбирање. Им се заблагодарувам на пратнерите бидејќи без нив ова немаше да биде возможно да се оствари овој проект, рече Шлајхер денеска на официјалното отворање на проектот.

Исто така, РЕАД треба да придонесе за помирување и интеркултурна толеранција со помош на отворање нови канали за комуникација за независните културни заедници, нудејќи им можности за вмрежување надвор од политичката сцена.

Нуди и можности за размена на искуства преку заеднички проекти, јавни настани и кампањи. Ќе се промовираат различни културни иницијативи и ќе се обезбеди простор за претставување на работата на помали иницијативи во регионалната арена.

Проектот Регионална мрежа за културна разновидност е финансиран од Европска комисија во рамките на грантовата програма „Можности на граѓанското општество и програми за медиуми 2018-2019“.