Отворање на македонскиот павилјон во Венеција со проектот на Велимир Жерновски
Македонскиот павилјон во Венеција и проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски привлекува големо внимание кај посетителите на Биеналето, што ќе се одржува од мај до ноември 2026 година во Венеција. Сместен во Спацио Кастело 77 на влезот во престижното Арсенале, публиката љубопитно влегува во просторот каде е изложена монументалната претстава на „Пиета“ прекриена со златни фолии.

Македонскиот национален павилјон на 61. Биенале за уметност ќе биде отворен денеска во 18:30 часот, а пред присутните ќе се обрати Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам.
Организатор на нашето претставување е Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ-Скопје). Куратори се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.

Македонскиот павилјон е сместен во изложбениот простор „Ex Capella Buon Pastore“ –историски сакрален простор во Венеција, со препознатлива архитектура и автентичен амбиент, кој сведочи за неговата поранешна духовна функција. Денес, овој простор е адаптиран за културни настани и изложби и нуди специфична атмосфера што овозможува силен дијалог меѓу современата уметност и историскиот контекст.
Учеството на нашата држава на Венециското биенале, кое е целосно поддржано од Министерството за култура и туризам, претставува дел од долгорочната стратегија за интернационална промоција на македонската култура и уметност. Во изминатите години државата континуирано се претставува со проекти кои третираат актуелни и релевантни теми, со што се зацврстува нејзината позиција во глобалниот културен простор.

Куратор на годинашното, 61. издание е Којо Куо, а темата е „In Minor Keys“ („Во молски тоналитет“) – концепт кој ги истражува суптилните, интимните и често маргинализирани наративи во современото општество. Темата ја поставува уметноста како простор за емпатија, рефлексија и тивок отпор, отворајќи прашања за ранливоста, меморијата и човечкото искуство во услови на глобални предизвици.
На годинашното Биенале учествуваат над сто уметници и се претставени над 80 национални павилјони од целиот свет, кои преку разновидни медиуми и пристапи ги адресираат клучните теми на денешницата – од миграции и климатски промени до политички конфликти и идентитетски прашања.