Oтворање на 16. Младински пролетен салон
Традиционалната манифестација од областа на ликовната уметност – 16. Младински пролетен салон ќе биде отворен вечер во Националната галерија – Мултимедијален центар Мала станица. Овој проект е дел од програмата на Националната галерија во рамките на едукативното одделение за годинава, и е поддржан од Министерство за култура и туризам.
Темата за овогодинешниот Младински пролетен салон е пејзаж како инспирација. Изложбата ќе биде презентација на творби на ученици и студенти од средни училишта и факултети. Пејзажот како мотив е честа тема во творештвото на уметниците, присутен и близок на сите. Во зависност од афинитетот на уметникот нуди спектар на избор на пејзажи како марини, урбани пејзажи, зимски, летни, пролетни, есенски итн.
Како и секоја година на најуспешните учесници ќе бидат доделени пригодни награди и признанија од страна на жири – комисија. Културните настани, во случајов Младинскиот пролетен салон, се можност за социјализација и интеграција на младите низ дружење, забава и едукација. Младински пролетен салон ќе биде поставен во Мала станица до 15 мај, информираат од Националната галерија и додаваат дека автор на проектот е нивниот едукатор Ацо Таневски.