Откажана денешната посета на Мицотакис на Бејрут, се расипал владиниот авион


Посетата на Бејрут на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис закажана за денеска е одложена поради дефект на владиниот авион и ќе се одржи во следните денови, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кабинетот на Мицотакис информираа дека согласно известувањето од Генералштабот на воздухопловството, владиниот авион има техничка дефект и не е изводливо да се спроведе планираното патување на премиерот во Либан и додадоа дека посетата се одложува за следните денови.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, како што објави МИА, соопшти дека Мицотакис ќе го посети Бејрут и ќе се сретне со премиерот на Либан Наџиб Микати и претседателот на либанскиот Парламент Набих Бери.

– Посетата има висока симболика и значење, бидејќи Кирјакос Мицотакис е првиот лидер на трета земја и членка на Европската унија што ќе го посети Бејрут по договорот за прекин на огнот и испраќа порака за стабилност и мир, како и порака за силната улога и присуство на Грција во регионот, рече вчера Маринакис.

Додаде дека на средбите со премиерот и со претседателот на парламентот, се очекува Мицотакис „да ја повтори подготвеноста на Грција да помогне во зајакнувањето на државните структури на Либан, меѓу кои и вооружените сили кои играат клучна улога, во спроведувањето на примирјето“.