Остра порака на лидерот на ЕПП до ВМРО-ДПМНЕ: „Северна“ мора да се употребува
„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба целосно да ги почитува обврзувачките одредби од Преспанскиот договор и доследно да го користи името ‘Северна Македонија’“, напиша Манфред Вебер на Икс
Невообичаено остра порака до ВМРО-ДПМНЕ стигна од лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, дека мора да се користи името на државата „Северна Македонија“.
„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба целосно да ги почитува обврзувачките одредби од Преспанскиот договор и доследно да го користи името ‘Северна Македонија’. Почитувањето на меѓународните договори е основен предуслов за нас како ЕПП. Во спротивно Европа не може да функционира и ЕУ нема да го прифати ова“, напиша Вебер на мрежата Икс.
ВМРО-ДПМНЕ е член на групацијата на Европската народна партија и тоа со години го нагласува со особена гордост. Но со инцидентот при заклетвата на Гордана Сиљановска-Давкова и подоцнежната изјава на лидерот и иден премиер Христијан Мицкоски, дека имаат право државата да ја нарекуваат само Македонија, отуѓи значаен дел од нејзините сестрински партии.
Не е без значење дека сега генерален секретар на ЕПП е Гркот Танасис Баколас, порано многу близок советник на премиерот Киријакос Мицотакис за прашања на ЕУ. Мицотакис како лидер на Нова демократија последниве години има исклучително големо влијание во Европската народна партија. Вебер е чест гостин во Атина, а Урсула фон дер Лајен (ЕПП) ја почна нејзината кампања за реизбор на местото претседател на Европската комисија токму од грчкиот главен град.
Мицотакис последниве денови изјавува дека неговата влада почнала операција за дипломатска изолација на Македонија поради одбивањето на победниците од ВМРО-ДПМНЕ доследно да го спроведуваат Преспанскиот договор, особено уставното име на државата.
Оваа порака на Манфред Вебер е прилично непријатна за раководството на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи го доведува во опасност нивното членство во ЕПП. Баколас неодамна изјави дека по европските избори ќе почне „чистење на редовите“ во ЕПП, а при тоа индиректно спомена дека тоа може да му се случи на ВМРО-ДПМНЕ. (Н.В.)