Османи во Романија доби поддршка за евроинтеграцијата
Реафирмирање на силната романската поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, но и отворање нови коридори на економска размена и унапредување и продлабочување на билатералната соработка беа тема на денешната средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со неговиот романски хомолог, министерот, Богдан Ауреску во рамки на еднодневната работна посета на Романија,
-Како земја која е непосреден сосед на Западниот Балкан, Романија не само што има директен интерес од развојот и европската интеграција на соседството, туку претставува и одличен познавач на односите меѓу државите од регионот. Во оваа насока со колегата Ауреску се согласивме дека продолжувањето на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ не само што е од големо значење за нас, туку е значајно и за стабилноста и европскиот напредок на целиот регион; претставува интерес и на поширокото соседство на Балканот; како и интерес на самата Европска Унија, изјави Османи, соопшти МНР.
Тој притоа изрази благодарност до колегата Ауреску за непроменетиот став и поддршка на Романија за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската унија, како и за подготвеноста на Романија да нѝ помогне на тој пат, преку политичка и техничка поддршка.
Двајцата министри, се додава, разменија мислења, предлози и сугестии за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка, со нови содржини во сите области од заемен интерес, ставајќи акцент на интересот и потребата од засилување на економската соработка, преку идентификување на можниот интерес за инвеститорите и за интензивирање на трговската размена.
Помеѓу другите теми од заеднички интерес, двајцата министри се осврнаа и на идната соработка и координација и во ОБСЕ, во рамките на идното преземање на претседавањето од наша страна во 2023, за што Романија даде своја поддршка, но и за други теми од билатерален и мултилатерален карактер.
Посетата на Романија е дел од мини–турнеја на министерот за посета на земјите–членки на ЕУ дел од поширокото соседството на Западниот Балкан. Во рамките на турнејата Османи веќе оствари посета на Чешка, а од утре е во работна посета на Унгарија. Мини – турнејата на поширокиот регион ќе ја заврши на 21 декември со посета на Виена.