Османи тврди дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести за важењето на пасошите

Министерот за надворешни работи и кандидат за претседател на државата на „Европскиот фронт“, Бујар Османи, денеска ги демантираше и ги оцени како лажни вести обвинувањата од опозицијата дека наводно скрил важен документ од ЕК потпишан од 25 нивни членки освен од Грција и Франција дека до септември ќе нѐ пуштаат со старите документи.
„Не е точно. Ова е дел од таа фабрика на лажни вести коишто ја открија во ВМРО-ДПМНЕ. Знаете дека создале фабрика за пропаганда и лажни вести и тоа е дел од таа фабрика, која што мислам дека наредните денови повеќе и повеќе ќе се разоткрие. Во однос на пасошите засега не се проблем европските земји. Проблем е што МВР го има сменето Законот и ги има декларирано нашите пасоши за неважечки и граѓаните не може да ја напуштат нашата граница. Така што ние воопшто не сме стигнале до проблемот со границата на земјите од ЕУ. Граѓаните со наши пасоши не можат да ја напуштат нашата граница бидејќи од нашите закони се декларирани како неважечки. Додека за враќање ние ги имаме направено и преземено сите мерки никој да нема пречка да се врати. И јас досега не сум слушнал дека некој граѓанин не успеал да се врати во државата бидејќи не можел да помине низ земји членки на ЕУ“, рече Османи на новинарско прашање по денешната дебата во Старата скопска чаршија во рамки на неговата кампања за претседател.
Според него, МВР треба да каже зошто уште е бавен процесот на издавање пасоши и при тоа ја повтори неговата понуда да помогнат за да се забрза тој процес на издвање нови документи со новото уставно име.
Тој додава дека тоа што можеше да се смени во однос на личните документи е веќе сменето во однос на возачките дозволи и личните карти, додека за пасошите, вели, тоа е прашање кое што значи директно кршење на Договорот од Преспа и на Уставот. Потребна е вели реорганизација за издавање пасоши на граѓаните, за што е подготвен да помогне и да ја прекине и кампањата.
„Се нудам и денеска – ќе ја прекинам мојата кампања ако треба и ќе одам во МВР ќе сликам, ќе пополнувам формулари со сите мои луѓе коишто се дел од овој караван. Така се први тоа – со дисциплина, со реорганизација, со нудење на услуги на граѓаните“, вели Османи.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на Фејсбук објави фотографија од допис од 23 февруари, годинава, од италијанското МВР каде стои дека по препорака на Европската комисија, 25 членки на ЕУ донеле одлука да се дозволи слободно движење со валидни пасоши со името Република Македонија до крајот на септември 2024 година.
„МВР на Италија во дописот напоменува дека одлуката е донесена заради заштита на правото на слободата на движењето, а за периодот после крајот на септември граничната полиција дополнително ќе добие инструкции како да постапува. Во истиот овој период многу некоректна беше постапката на министерот Османи кој ја криеше оваа информација за одлуката на 25 членки на ЕУ, која и тогаш и денес е многу важна за слободното движење на стотици илјади македонски државјани кои престојуваат во ЕУ“, наведува Милошоски во објавата на Фејсбук.