Османи сака меѓународен борд кој ќе биде филтер за политичарите и судиите
Тој борд би бил составен од претставници на САД, ЕУ и НАТО кои ќе биле во координација со институциите во земјата и ќе одредувал дали некој е поврзан со руски интереси или е вмешан во корупција
Кандидатот за претседател од „Европскиот фронт“, Бујар Османи, денеска отиде подалеку од идејата на ДУИ за ветинг на политичарите и побара формирање на меѓународен борд кој ќе прави филтрирање на личностите кои се занимаваат со политиката во нашата земја.
На денешната прес-конференција Османи рече дека еден од најважните приоритети на „европскиот претседател“ ќе биде формирање на меѓународен борд составен од претставници од Соединетите Американски Држави, Европската унија, НАТО и во координација со институциите во земјата кои ќе го направат пре-сертифицирањето на сите носители на јавни функции во две насоки, дали имаат некаква поврзаност со руските интереси и дали се вмешани во каква било форма на корупција.
„Идејата на овој борд е да ги искористиме инструментите кои веќе постојат, но кои работат одделно, да ги вградиме во меѓународен борд, каде што ќе бидат дел и нашите институции, американскиот инструмент на објавување листи, потоа рестриктивните инструменти на ЕУ и процесот на сертификација на НАТО. На овој начин секој што ќе биде предложен или ќе има амбиции за која било јавна функција, прво ќе треба да го добие овој сертификат од овој меѓународен борд, од овие институции, а доколку може да ги помине филтрите што ги наметнуваат овие институции тогаш ќе може да стане министер, ќе може да стане директор, судија или обвинител“, нагласи Османи.
Тој рече дека ова ќе биде кредибилен процес на ветинг за расчистување на оние кои се вмешани во корупција или се претставници на руските интереси со цел да се дестабилизира нашата земја, да се наруши меѓуетничката хармонија и да се запре евроинтегративниот пат, додавајќи дека овој борд ќе се бори против корупцијата.
„На овој начин ќе ја искорениме корупцијата на високо ниво и оваа ‘војна на вештерки’ што политичките партии ја наметнаа во битката за да дојдат на власт, а потоа власта ќе може да се фокусира на искоренувањето на корупцијата на сите други нивоа“, нагласи Османи
Тој истакна дека оваа иницијатива и оваа заложба е една од основните задачи и е столб на Декалогот на „европскиот претседател“.