Османи одржа предавање на студентите од американскиот универзитет Yale


 Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денес одржа предавање пред студентите на меѓународното право/прашања при американскиот универзитет Yale на тема иднината на ОБСЕ. Преку видео врска Османи  истакна дека времето во кое живееме, полно со безбедносни предизвици и непредвидливости ја наметнува неопходноста за постоење на организацијата како што е ОБСЕ.

“Јас сум дел од луѓето што сметаат дека во случај да го немавме ОБСЕ,  навистина ќе ни требаше да го создаваме” рече министерот.

Образложувајќи ги предизвиците со кои се соочува Организацијата поради немање консензус меѓу земјите учеснички, Османи истакна дека Северна Македонија преку организирањето на претстојниот Министерски совет се залага да ја врати суштината на Организацијата, а тоа е дијалогот, како предуслов за компромис и консензус.

“ОБСЕ, како и секоја институција, не е цел сама по себе, туку средство и инструмент кој служи за постигнување на целта” заклучи Османи.