Османи: Договорите со Бугарија и Грција дел од преговарачката рамка


ЕК го заклучи текстот на преговарачката рамка и го предаде на Советот на ЕУ. Ова е само нацрт верзија и моето очекување е до октомври да биде прифатен финалниот текст. Добро е што ова се случува во време на германското претседателство кои се големи поддржувачи на нашиот европски пат, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на прес – конференција пред Секретаријатот за европски прашања.

Се работи за нацрт верзија, посочи Османи, што е основа врз која земјите членки ќе ги изнесат своите национални ставови и потоа рамката ќе се носи со консензус.Според Османи преговарачката рамка е направена според искуствата од досегашните преговори ,но и со вклучување  на новата методологија во неа.

Очекувано во рамката се вметнати и Копенхашките критериуми, но и регионалната  соработка и добрососедските односи, при што директно се посочени билатералните договори со Грција и Бугарија за кои се очекуваат видливи резултати.

Согласно новата методологија во рамката е дефиниран и начинот како ќе се утврдува напредокот, особено суспензивната клаузула, клаузулата за дизбаланс и таа за реверзибилност и се остава можност, доколку земјата не напредува во процесот, стагнира или назадува, ЕУ да го стопира процесот, да го врати назад за неколку бенчмаркови, па дури и да отвори веќе затворени преговарачки поглавја.

Овие казнени инструменти ЕК може да ги активира по свое убедување или на барање на една земја членка, што Европскиот совет може да го одбие само со дветретинско мнозинство.

Според министерот, делот за договорите со Бугарија и Грција сепак не е ставен во посебно поглавје, туку заедно со Копенхашките критериуми и обврските со Спогодбата  за стабилизација и асоцијација, а не како што е Косово, кое е ставено како посебно поглавје во условите за Србија.Османи рече дека не ни очекувале договорите со Бугарија и Грција да не влезат во рамката, зошто сме ги потпишале и сме се обврзале да ги имплементираме.

Во самата нацрт рамка особено се потенцира кластерот фундаменти, каде покрај клучните поглавја 23 и 24 се додадени економските критеруми, јавните набавки, функционалната демократија и реформата на јавната администрација.

– Задоволни сме од неутралноста на комисијата по однос на различните позиции, вклучувајќи го и прашањето на договорите со соседите, рече Османи.

Според него, доколку нема адекватен напредок во првиот кластер во фундаменти, нема да може да се напредува и во другите кластери и во другите поглавја.

-Соодветно на напредокот и исполнувањето на критериумите за членство предвидени се награди или казни во форма на зголемување или намалување до пристапот на средствата на фондовите, но и до политиките на ЕУ. Тоа значи доколку се констатира назадување под ризик доаѓа и големината на ИПА средствата кои се ставаат на земјата на располагање, но и обратно во случај на значителен напредок во преговорите на земјата и се дозволува поблиска интеграција со Унијата т.н. фазно или парцијално пристапување до политиките и програмите на ЕУ, зголемување на фондовите и инвестициите на Унијата во земјата, изјави Османи.

– Јасно е дека ЕУ и покрај предизвиците со корона кризата не го замрзна процесот на проширување. Честитки до Оливер Вархеји и Урсула фон дер Лајен, но и на хрватското претседателство. Ние сме во средина на политичка кампања и се надевам дека по 15 јули ќе имаме стабилна влада посветена на европскиот пат – истакна Османи.

На динамиката на преговорите со ЕУ, според него, ќе влијае спроведувањето фер и конкурентни избори на 15 јули и формирањето на политичките институции веднаш по изборите и консензусот со цел почетокот на преговорите да не најде подготвени.

-Кога јас излегов со барање до претседателот Пендаровски за свикување лидерска средба за консензус се уште имаше време за тоа. Сега на две недели пред изборите треба да се чекаат резултатите од изборите и веднаш потоа да се свика лидерска средба. Јас мислам дека на динамиката на преговорите ќе влијаат две работи. Прво овие 15 дена нашата политичка демократска зрелост да организираме фер, конкурентни избори и второ дали веднаш на 16-ти прв приоритет ќе ни биде формирањето на политичките институции и консензусот со цел да не најде подготвени почетокот на преговорите. Тоа е многу важно бидејќи секој ден губење после изборите во формирањето на политичките институции ќе влијае на динамиката на започнување на преговорите бидејќи роковите се такви, рече Османи.

Околу законот за заштита и спречување на дискриминацијата кој беше поништен и дали ќе биде прв на агендата на новото собрание, Османи рече дека ова прашањето било покренато неодамна на средбата со амбасадорите на земјите членки на ЕУ од страна на холандскиот амбасадор и посочи дека постои волја за тоа.

-Нема дилема во политичката волја, за тој закон туку беше техничко прашање кое го сруши законот и че биде едно од првите решенија пред новиот парламент, посочи вицепремиерот Османи. (С.Ј.)