Османи: Не ни треба кавгаџиска надворешна политика


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по регионалниот состанок на кој присуствуваше и Александра Пападопулу, заменик министер од Грција, порача дека на нас не ни треба кавгаџиска политика и дека, како што ја обвинуваме Грција дека не ги исполнила сите обврски, нив не ги исполнила и Македонија, бидејќи законите за промена на имињата на МРТ и на МАНУ стојат заглавени пет години во Собранието.

Според него, столбот на Преспанскиот договор е давањето поддршка од страна на Грција за нашата интеграција во ЕУ и во НАТО, а таа обврска е исполнета и не треба да се загрозува со споредни прашања. Ако сакаме да најдеме мани, може да најдеме и во односите со САД, рече Османи, апелирајќи да се престане со барањето проблеми таму каде што ги нема. Османи беше експлицитен дека суштинската обврска на Преспанскиот договор е исполнета  од Грција и дека благодарејќи на грчката поддршка Македонија е членка на НАТО и доби датум за преговори со ЕУ.

Околу најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека подготвиле документ во кој стојат сите обврски што не се исполнети од Грција, Османи рече дека место да го пишувале требало само да побараат таква листа од МНР, бидејќи имплементацијата на Преспанскиот договор во ова Министерство се следи на дневна основа и имаат и ексел табела за тоа.

За да ја илустрира нерационалноста на, како што ја нарече кавгаџиската политика со соседите, тој спомена дека во Преспанскиот договор само три страници се однесуваат на името на државата и на аспектите што произлегуваат од него, а други 19 страници на економската, енергетска и генерално целокупна соработка што е многу важна за државата и за билатералните односи. 

-Да не бараме проблеми кај што нема. Нам ни е важно Грција да биде наш поддржувач. Се надевам дека со градење на добра атмосфера Преспанскиот договор целосно ќе се применува, порача Османи „нападнат“ со упорни прашувања дали и дал рок на Атина до кога треба да почне да не вика Северна Македонија и да ги изгласа меморандумите. 

-Јас не можам да дадам рок ни за законите што се заглавени во нашето Собрание за МАНУ и за МРТ, рече Османи, илустрирајќи ја апсурдноста на ваквите инсистирања. Тој нагласи дека ваквите обврски не смеат да бидат на првата линија на односите со Грција бидејќи не се најбитните и дека ќе биде лошо ако се загрози на ваков начин нашето членство во НАТО.

-Тие прашања не треба да доминираат во политичкиот дискурс. Нашите луѓе во голем број одат на одмор во Грција, имаме одлична економска и енергетска соработка со неа и не треба да ги труеме сега нашите граѓани со три закони, рече Османи нагласувајќи дека не станува збор за суштински обврски, иако не сакани да ги потценува.  

Тој порача притоа дека изборите завршија и дека нема повеќе потреба од креирање на ваква клима во односите со Грција , па повика да се има позрел однос кон соседите.

-Јас немам веќе таква  обврска, за неколку дена не сум веќе МНР. Ако сакаме да најдеме мани во односите, и со САД можам да ги најдам, но дали е тоа целта. Треба проблемите да ги решаваме низ институциите и со добра волја да градиме односи со соседите. Не ни треба кавгаџиска надворешна политика, порача Османи. 

Запрашан за опасноста Грција да ни стави вето во ЕУ, Османи посочи дека и од двете страни имало изјави дека ќе се почитува Договорот и дека во тој правец била и последната изјава на Мицкоски како мандатар, така што не очекува таков развој.  

На директното прашање, што не исполнила досега Грција, Османи посочи на двата меморандума и на преостанати три сообраќајни табли , бидејќи неколку биле сменети изминатите месеци. Во НАТО и во ЕУ нема никакви поместувања во позициите на Грција, рече Османи, со надеж, па и очекување дека тоа нема да се случи, бидејќи како што оцени ова е период на транзиција –  за да се подготви јавноста од страна на ВМРО-ДПМНЕ (бидејќи друго ветуваше во кампањата) дека Договорот ќе го почитува, што според него е  државнички однос.