Османи најавува ветинг за дипломатите


 
Вонреден ветинг на сите дипломати најави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откако вчера беше објавено дека македонски дипломат кој бил баран со меѓународна потерница е приведен во Србија.Уапсениот е дипломат кој е на мисија во Виена, а како што објавија повеќето медиуми станува збор за Миле Миленковски, заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ во Австрија.

„Јас презедов серија на мерки и одлуки, во смисла на одлука за отповикување односно повлекување  и прекинување на мандатот во Виена, мирување на работното време бидејќи законот не дозволува поинаква одлука се до расчистување на состојбата. Меѓутоа, решив да се направи вонреден ветинг на сите дипломати од МНР користејќи ги механизмите на НАТО сертификати, националните сертификати и други инструменти за целосен ветинг на дипломатите со цел да не ни се случат вакви работи“, изјави денеска министерот Османи.

Делото за кое се барал дипломатот е сторено во 2018 година, за време на приватно патување во странство. Со него приведен е уште едно лице, поранешен дипломатски службеник. Тие се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Србија.