Орлите рано летаат


ЕРОЛ РИЗАОВ

Реалната сила на партиите се проценува не само според сегашните изборни резултати, туку по тоа што  значи четири години да се биде во стабилна  влада, а што по два или три месеци повторно да се оди  на избори во други околности и со други односи на силите       

 

Задоволството на Али Ахмети што старите орли се вратиле во гнездото е силна метафора која не ги остава рамнодушни Албанците. Алузијата е јасна, тие што го напуштија ДУИ се вратиле дома на последните избори. Кога ќе се спомнат орли се качува адреналиниот до национален вознес кај нашите сограѓани Албанци. Арно ама како што се враќаат старите, така младите орли рано полетуваат и ги напуштаат гнездата. Нивниот прелет брз како стрела е добра Алтернатива, силна Алијанса и цврста Беса.

Да ги оставиме на страна метафорите и орлите да видиме што се случува со стратегијата на шаховската табла со 120 полиња каде 15 пешаци сакаат да ја освојат територијата бранета од артилерија. Никој не мрднал уште ниту еден потег на таблата, сите мислат и калкулираат додека часовникот отчукува. Главните потези ќе се влечат во цајтнот. Засега само партиските демонстратори, аналитичари и новинари ги мрдаат фигурите на телевизиските екрани и социјални мрежи, нудејќи изобилство на комбинации на кои можат да позавидат и спортските обложувалници.

Тим кој победува не се менува

Досега имаат примат само две комбинации за стабилна влада која може да опстане четири години и да спроведува тешки реформи кои произлегуваат од преговорите со ЕУ за рамноправно членство. Првата добитна комбинација е тимот кој победува да не се менува, но се засилува со отворени врати за сите кои даваа силна поддршка да се совлада блокадата од соседна Грција и за добри односи со Бугарија. Таа политика  даде историски резултати со членство на Македонија во НАТО и со почеток на преговорите со ЕУ во декември годинава.  Варијанта за стабилна влада  е  СДСМ–Беса-ДУИ-Алијанса-Алтерантива-ДПА. Посакувана, но засега неостварлива. Камен на сопнување се односите Алијанса–Алтернатива-ДУИ. Нешто налик на односите СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ. Ако се совлада оваа пречка со компромис Македонија ќе има стабилна влада наредните четири години.

Втората можна, но помалку веројатна коалиција е ВМРО-ДПМНЕ во комбинација со  ДУИ,  или со Алијанса и некоја од помалите политички партии. Сѐ друго води кон нови избори до крајот на годината каде што кампањата ќе се заостри до точка на вриење со разлетување на орлите и со заклетвите на војводите и патриотите за одбрана и обнова на татковината. Тоа би биле најопасните и најнепосакувани конфликтни ситуации во историски период кога Македонија мора да покаже стабилност и европски стандарди.

Надежите на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски дека може да се случи истото чудо што се случи на претходните парламентарни избори, кога победничката партија не успеа да обезбеди мнозинство во парламентот имаат само една мала фалинка. Тоа што на преговарачката маса тогаш падна режимот на Никола Груевски, сега се бара пад на демократска влада која ги оствари најголемите успеси од прогласување на независноста. Пад на режим и на демократска влада не е сеисто. Нели.

Што мислите, колку ќе траат преговорите на партиските лидери за состав на владата. Проценките се дека ако воопшто дојде до решение тоа нема да биде пред септември. Еве како тоа изгледа во споредба со Европа. Штотуку заврши најдолгата и најмачна расправа во Брисел меѓу лидерите на земјите членки на ЕУ. Темата беше жешка до усвитување. Пари. Многу пари. На моменти расправата како да заличуваше на југословенските кавги пред распадот. Но, далеку од тоа, во Брисел за пет дена падна одлука која сите ја поздравија. Близу две илјади милијарди евра ќе се слеат во фондовите на ЕУ за меѓусебна помош и за седумгодишниот буџет. Од нив 750 милијарди евра, што во грантови, што поволни кредити со заедничко задолжување се наменети за санирање на последиците од пандемијата од корона вирусот и уште 1.074 милијарди евра во буџетот на ЕУ до 2027 година. И расправа и кавга и компромиси и решение за пет дена. Во пет часот наутро по непроспиена ноќ лидерите на европските земји си пружија рака. Европа останува силна и обединета.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ се врати во Загреб со гаранција од 22 милијарди евра за Хрватска, колку што изнесува петгодишен буџет на Македонија, а грчкиот премиер Кирјакос  Мицотакис со 70 милијарди евра, колку што ни  се сите буџети  во сите изминати 30 години на независност. Е, па сега нашите првоборци, патриоти и орли нека пресметаат колку сме изгубиле ако влезевме во НАТО и во ЕУ заедно со Хрватска, иако според некои проценки со подготвеност за компромис тоа можеше да се случи и порано.

Команданте Ахмети, да не забега малку

Секогаш за мудрите политичари и државници факторот време е најважен. Тоа што мораш да го направиш, направи го порано. Секое доцнење е само на сопствена  штета. Со ригидните политики Македонија задоцни најмалку 10 години со влезот во НАТО и во ЕУ. Загубата е непроценлива. Само во пари и во изградба на инфраструктура загубени се над 100 милијарди евра. А, она што е загубено во испуштените  европски вредности и стандарди тоа е ненадоместливо.

Во потрага по пославно античко минато потрошени се повеќе од милијарда евра пари на граѓаните, а загубени се и голем број пријатели во светот и украдени се стотици милиони евра. Тоа е жалното  достигнување на нашите политичари за кои битките за власт, моќ и пари беа поважни од иднината на државата.

И еве сега пак политичките суетни лидери се забарикадирани во партиските штабови во исчекување кој на кого прв ќе му баци рака.

Али Ахмети како да е на Ист Ривер во Њујорк во зградата на ОН, а не во Мала Речица во здание налик на скороевиќка куќа. Чека Ахмети да му се извини Заев затоа што на уснимен телефонски разговор со едикојси ги навредил Албанците. Кажал дека не вредат ни пет пари. Ми оди да викнам: „Добро бе, Зоране, како можеше на тие што не вредат ни пет пари да им дадеш толку отстапки“. Со тие отстапки Али Ахмети се фали дека тоа му се најголемите успеси како да ги освоил на бојно поле, а не во коалиција со мнозинскиот партнер и во политички демократски натпревар без ниту еден испукан куршум.

За тие отстапки, меѓудругото, Заев е прогласен за предавник и непријател кој им дал сѐ што ќе посакаат Албанците, Грците и Бугарите. Ете, за тоа треба да им се извини Заев на Ахмети и на Албанците, оти никој не направил толку многу за двеипол години управување со владата. Да, ќе треба длабоко да им се извини и да бара прошка и да му ја бакне раката на Ахмети, да му го остапи великодушно премиерското место, клучните министерства, се разбира и резервираното место за претседател на Собранието и секако идниот претседател на државата по уставните измени да биде биран во парламентот и да биде  Албанец. Зошто да не. Сето тоа е можно со извинување и со 15 пратенички мандати.

Ало, команданте, да не забега малку.

Пораката на Артан Груби за победа на избори

Артан Груби човекот од посебна доверба на Али Ахмети, кој на специфичен енигматски начин ги соопштува следните чекори на ДУИ, во интервју за Канал 5 во помалку еуфоричен вознес од големата победа на ДУИ кажа нешто  што е индиректно  признание дека се работи за непринципиелен притисок со флоскулата „Албанец премиер“. Груби беше отворен во својата оценка дека ДУИ направил голема грешка која на следните избори ќе ја поправи. А тоа е да обрне поголемо внимание на чисто македонските средини во источна и јужна Македонија каде ДУИ може да освои многу повеќе македонски гласови кои можат да ја направат победник на изборите.

Е, па господине Груби, тоа е формулата за формирање на влада и за освојување на функцијата премиер, претседател на држава, градоначалник, пратеник…. Победа на изборите. Кога тоа ќе се случи во Македонија, Македоците и сите други да изберат Албанец премиер, или претседател на државата тоа ќе биде голем празник на демократијата. Не затоа што некој Албанец, Турчин, Влав, Србин, Ром или Бошњак станал премиер,туку затоа што има подршка на мнозинството гласачи, што има проверени и докажани способности, харизма и доверба на граѓаните без оглед на нивната национална и верска припадност. Уште многу вода ќе потече по Вардар додека Македонија се ослободи од милитантните и националистички чисто етнички  партии кои под патриотизам подразбираат уцени и политички инженеринг за освојување или задржување на власта.

Добивањето премиерско место на зелена маса во преговори  е позната работа на формирање малцински влади. Но тоа да се условува со етничка припадност и со 12,5 проценти освени места во парламентот и речиси четири пати помалку од потребното мнозинство, или дупло помалку до 61 пратеник  вклучувајќи ги сите албански пратенички места, е непозната работа во современата историја на Европа. Крајно ризичен потег, бидејќи на следните избори ако не дојде до логичната  коалиција на формирање на влада на континуитет со праведна застапеност и премиер на победничката страна, ДУИ може да биде најголем губитник поради сопствената идеја, која лесно е прифатлива и на спротивната  страна.

Подобро гулаб во рака отколку орел на гранка

Револтот во јавноста поради наметнување на ултимативно решение неминовно води кон концентрација на гласовите по патриотска линија лесно прикажлива како борба за спасување на националните интереси. Тоа го дава резултатот за апсолутно мнозинство во парламентот од 80 пратеници што го бараше Никола Груевски.

Затоа тешко му беше на Артан Груби, како и на секој човек кој здраво резонира, да даде рационален одговор на прашањето, како го толкува повикувањето на албанските партии од страна на Али Ахмети за единство околу идејата Албанец премиер, што му ги засилува неговите преговарачки позиции на сметка на другите албански партии. А, што  ако на истото тоа повикаат и македонските партии, нешто што сѐ погласно и почесто се слуша. Да се направи единство и подобри преговарачки позиции од македонските партии би било хегемонизам, рече многу неуверливо Артан Груби.

Ако Албаниците прават единство е врвен национален интерес, и демократско достигнување, а ако истото го прават Македонците е хегемонизам. Тоа тешко проаѓа, многу е провидно. Затоа е неопходна голема внимателност на сите страни во едно мултиетничко општество. Не прави го тоа што другите не сакаш да ти го прават, е клучното прашање пред секој ризичен потег и кај Албанците и кај Македонците. Сите други што живеат во Македонија се полојални кон државата. Остварувањето на реформите кои се пресудни за редовно членство во ЕУ ги содржат сите барања и на Албанците и на Македонците и на сите граѓани припадници на етничките и верските заедници кои живеат во Македонија.

Политичките лидери треба сериозно да размислат што ветија во жарот на предизборната кампања, а кои им се реалните можности и сили по изборите. Доволни се неколку дена да се договори коалицијата за избор на влада на континуитет која ќе ги спроведува реформите за членство во ЕУ.  Реалната сила на партиите се проценува не само според сегашните изборни резултати, туку по тоа што значи четири години да се биде во стабилна  влада и во парламентот, во институциите на системот, во јавните комапнии, а што по два или три месеци повторно да се оди на избори во други околности и со други односи на силите.