Орлите на ДУИ приземјени од Хаг


Слободанка Јовановска

Веста дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, среде преговори за правење влада доби покана од Хаг, одекна како бомба вчера во Македонија. Иако лидерот на интегративците објави дека е повикан како сведок во случајот против Хашим Тачи за воен криминал, неговата политичка, а уште повеќе преговарачка позиција драматично е разнишана, или со парафраза на зборовите на самиот Ахмети – Хаг им ги скрати крилјата на орлите на ДУИ.

Очигледно, како што Тачи од Косово доби покана кога сакаше да оди во САД да договора поделба на територијата со Србија, така Ахмети во Македонија е повикан во Хаг кога доби напад да инсталира премиер Албанец  со уцени и да заигра повторно на националистичката карта. Му праќа ли некој порака на Ахмети дека неговата кариера е завршена, дека ја премина линијата за водење политика во Македонија, дека претера на власт и очигледно нема намера да ја напушти и дека минатото доаѓа да пресуди за неговата иднина?

Од Специјалното јавно обвинителство за Косово во Хаг вчера не сакаа да објаснат во кое својство е викнат лидерот на ДУИ и бивш лидер на ОВК, но фактот дека е викнат во исто време кога и главнообвинетите од Косово, Хашим Тачи и Кадри Весели со „други“ , предизвикува непријатна тишина во ДУИ. Ахмети вчера побрза сам да објави дека стигнала поканата и да мотивира куп поддршка на социјалните мрежи од своите приврзаници кои го слават како херој и го бодрат да ја каже вистината за воените злосторста на Србите во Косово. Но, Ахмети не е викнат на Судот за воени злосторства во бивша Југославија и не е викнат да зборува за Србија туку за воените злосторства на ОВК, во чие основање самиот учествувал и бил на врвот на нејзината воена структура кога се случувале воените злосторства од страна на главнообвинетите Хашим Тачи и Кадри Весели на Косово.

Дури и да не учествувал на никаков начин во нив, од октомври кога ќе почнат јавните сведочења во Хаг и кога ќе се видат обвиненијата и доказите, неговата аура на миротворец неповратно ќе биде изгубена, а дотогаш ќе завршат и преговорите за влада. Кој пак, сега би преговарал со политичар со покана од Хаг во рацете, чие непријатно минато или барем минатото на неговите соборци и политички партнери е во најава за враќање пред силниот блесок на рефлекторите?

Според она што се знае, во октомври треба да почне постапката пред судење во која ќе се утврди дали истрагата, која има корени во извештајот на Дик Марти од 2011 година, има основа да се преточи во судски процес. Ниту еден меѓународен суд, а не пак Хаг, не би викнал актуелен претседател на држава ако нема добро подготвена истрага која води кон таков епилог, а Тачи кога ја доби поканата пред јавноста практично призна дека е подготвен да ја плати цената за сѐ што правел за Косово, бидејќи слободата ја барала таа жртва.

Според она што го објави судот, обвинението  е поднесено против десет лица, односно „Хашим Тачи, Кадри Весели и други“, кои се товарат за дела против човештвото и за воени злосторства, вклучително и убиства, присилни исчезнување на лица, прогони и тортура. Во обвинението се тврди дека Хашим Тачи, Кадри Весели и останатите обвинети се кривично одговорни за речиси 100 убиства, кои вклучуваат Срби, косовски Албанци кои биле обвинети дека биле „предавници“, Роми и други етникуми, како и политички противници.

Обвинението главно се однесува на периодот по војната и пред доаѓањето на КФОР, т.е. во периодот на безвластие, иако опфаќа и активности претходно и главно околу судбината на 1.869 исчезнати, од кои 470 по крајот на војната. Со оглед на тоа дека ова Специјално јавно обвинителство е формирано најмногу заради тврдењата на Дик Марти за постоењето на трговија на органи и за фамозната „Жолта куќа“ во Албанија каде што наводно се ваделе насилно органи од Срби и „предавници“ за да се продаваат за пари на црниот пазар, зад што стоела организирана инфраструктура и команда од ОВК што ја предводел Тачи, обвинението сигурно се однесува и на ова злосторство.

Сепак, овој суд има строг временски мандат, од јануари 1998 година до декември 2000-та, така што, иако има јурисдикција да опфати трансграничен воен криминал поврзан со Косово и ОВК, не може да ги вклучи четирите воени злосторства на ОНА во Македонија, особено тоа за исчезнатите лица, за кои водството на ОНА доби политичка амнестија во нашата држава, што пак меѓународното право не ја признава.

Самиот факт дека на јавна седница ќе се чуе за воените злосторства на ОВК на Косово, а Ахмети бил дел од таа структура, и тоа не било кој, е силна порака дека треба да се „пензионира“, во спротивно ќе ѝ наштети на ДУИ и на целата албанска кауза во Македонија.