Орце се јави, казнил некого за загадувањето без да објави кого


Нема толеранција за никого – изречени се казни на загадувачите во Скопје, објави градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. И место да објави кои се загадувачите што ги казник, тој напиша куп пароли и фрази како ќе има ред и поредок  и дека одлучно ќе постапува. 
 
„Изминативе денови Скопје се соочи со сериозно загадување на воздухот. Според податоците од државниот мониторинг, беше пробиен дозволениот праг и состојбата бараше итна и решителна реакција. Како градоначалник на Скопје, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите вас, немав право да молчам и да не постапам.
 
 Во изминатите два дена беа спроведени силни и координирани инспекциски надзори на терен. Инспекторатот за животна средина изрече казни кон правни лица – загадувачи и јасно покажа дека законот важи за сите. Ова нема да застане тука. Напротив, продолжуваме уште поинтензивно и уште поодлучно. Секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран, без грам толеранција! За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца.
 
Воедно, сакам јавно да ја поздравам силната и континуирана заложба на Владата на Република Македонија за чекорите што за само година и пол, заедно со локалната власт, се преземени во насока на почист воздух. Тука спаѓаат Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, поставувањето прочистувачи на воздух во градинките во Скопје, масовното пошумување низ државата, гасификацијата, изградбата на две когенеративни централи на влезовите во Скопје, како и новите паркови со клупи со вградени прочистувачи на воздух и многу други мерки.
 
 Борбата за почист воздух е заедничка и затоа апелирам до сите граѓани на Скопје да се придржуваат и да ги почитуваат препораките и мерките. Секој поединечен придонес е важен.
 
 Но, за она што е во надлежност на Градот Скопје, порачувам јасно и недвосмислено дека нема да има никаква толеранција. Ред мора да има. Законот ќе се спроведува.А здравјето на скопјани ќе биде наш апсолутен приоритет. Ги повикувам скопјани да пријават потенцијални загадувачи на следниот меил: [email protected]“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи без да каже кого казнил и за што.