Орбан: Унгарија ќе го следи примерот на Трамп и ќе го означи антифашистичкото движење „Антифа“ за терористичка организација

Унгарија ќе ја следи политиката што ја објави пред неколку дена американскиот претседател Доналд Трамп и ќе го означи левото, антифашистичко движење „Антифа“ за терористичка организација, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Антифа“, скратеница од „антифашист“, е општ термин за високо децентрализирана мрежа на автономни екстремно левичарски активистички групи кои се спротивставуваат на фашизмот, фашистите и неонацистите, особено за време на демонстрациите. „Антифа“ е повеќе како идеологија отколку организација, иако некои од групите усвоија тактики што вклучуваат насилство.
Орбан, десничарски популист и верен сојузник на Трамп, во коментарите на државното радио денеска рече дека е „задоволен“ од одлуката на Трамп да ја означи Антифа како „голема терористичка организација“ во Соединетите Држави. „Антифа е навистина терористичка организација“, нагласи Орбан. „Во Унгарија е време да се класифицираат организации како „Антифа“ како терористички организации, следејќи го американскиот модел“, додаде тој.
Орбан во денешната изјава се осврна на инцидент од 2023 година во кој антифашистички активисти нападнаа неколку наводни учесници на годишен настан на крајната десница во Будимпешта. Меѓу осомничените беше и италијанската антифашистичка активистка и актуелна европратеничка Иларија Салис, која беше затворена во Унгарија повеќе од една година, што доведе до дипломатски спор меѓу Будимпешта и Рим околу нејзиниот третман зад решетки.
Салис беше ослободена во домашен притвор во мај 2024 година, пред да освои место во Европскиот парламент, што ѝ даде правен имунитет. Унгарија продолжува да бара таа да биде вратена во земјата за да се соочи со судење, а унгарските обвинители бараат 11-годишна казна.
Орбан денеска изрази жалење за ослободувањето на Салис, велејќи дека антифашистите „дојдоа во Унгарија и тепаа мирни луѓе на улиците, од кои некои беа претепани речиси до смрт, а потоа станаа членови на Европскиот парламент и оттаму ѝ држат предавања на Унгарија за владеењето на правото“.