Општините ќе покриваат трошоци за изборите, место да ги празнат контејнерите
Левица – Аеродром преку соопштение обвини дека новиот правилник на Државна изборна комисија неправедно го оптоварува буџетот на Општина Аеродром, додека граѓаните се соочуваат со лоша јавна хигиена и комунален хаос.
Од партијата тврдат дека со новиот правилник, донесен со поддршка од мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ, скопските општини ќе треба самостојно да ги покријат трошоците за дневници на изборните комисии за локалните избори, наместо тие да се делат со Град Скопје.Според Левица, ова ќе значи дополнителен товар од над 16 милиони денари, односно околу 260.000 евра за Општина Аеродром.Од партијата прашуваат зошто општина која, како што велат, се соочува со преполни контејнери, неисчистени јавни површини и запуштена урбана опрема, треба сама да ги покрива овие трошоци.
Во соопштението се споменува и Орце Ѓорѓиевски, за кого тврдат дека е фаворизиран во распределбата на обврските поврзани со изборниот процес.
„Додека Аеродром презема трошоци што треба да бидат поделени со Град Скопје, граѓаните се соочуваат со запуштена јавна хигиена, неискосена трева и искршена урбана опрема“, наведуваат од Левица – Аеродром.
Од партијата оценуваат дека станува збор за партизација на институциите и неправедна распределба на јавните средства, поради што бараат итно преиспитување на правилникот и пофер распределба на трошоците за локалните избори.
Од партијата исто т ака го нападнаа и градоначалникот Деан Митевски. Според нив, додека општината од буџетот издвојува 36 милиони денари и ги префрла на приватна
фирма за „одржување“ на урбана опрема, реалноста на терен нè удира во лице: искршени канти,уништени клупи и опасни детски игралишта“.
„Од друга страна, пак, на сајтот на општината сѐ е под конец, средено, ново, искосено, искроено, уредено. Очигледно е дека градоначалникот Митески, за да ја прикрие сопствената
неспособност, креира лажна стварност. Водењето на општина не е исто што и лепење плакати. Митески можеби бил добар во извршување партиските задачи, но функцијата градоначалник не бара ПР и празни ветувања туку капацитет и вистинска работа“, велат од Левица Аеродром.
Од општината експресно стигна реакција.
„Најостро ги демантираме невистините и манипулациите пласирани од Левица – Аеродром, кои повторно покажуваат елементарно непознавање на буџетот, програмите и функционирањето на Општина Аеродром. Јавно ги повикуваме да кажат за која „приватна фирма“ зборуваат, бидејќи таков податок не постои во наводите што ги изнесуваат. Воедно, ги повикуваме јавно да го покажат документот во кој, како што тврдат, стои дека Општина Аеродром издвојува 36 милиони денари исклучиво за одржување на урбана опрема. Нека го покажат документот, нека ја покажат конкретната буџетска ставка и нека им објаснат на граѓаните каде точно ја виделе таа сума.
Очигледно е дека не знаат ниту да прочитаат буџет, а уште помалку да направат разлика помеѓу различни програми и активности кои опфаќаат повеќе сегменти од комуналното работење на Општината. Наместо факти, повторно гледаме политички конструкции, невистини и евтин популизам.
Вистината е следна:
На 24.04.2025 година, ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром со машинобраварската работилница „Чардак“ склучи договор за одржување на клупи, корпи и друга урбана опрема во вкупна вредност од 6.725.498 денари со вклучен ДДВ, односно 5.699.575 денари без ДДВ.
Договорот опфаќа конкретни активности и количини, меѓу кои:
Стругање и фарбање на 1.700 м² клупи;
Демонтажа и замена на 5.780 нови даски на клупи;
Заварување и санација на метални корпи за отпадоци;
Замена на оштетени метални садови;
Набавка и монтажа на заштитни столбчиња и метални огради;
Набавка на нови метални профили за урбана опрема.
Сè е јавно, транспарентно и достапно на увид, за разлика од измислените конструкции и политички памфлети што Левица секојдневно ги пласира на социјалните мрежи. Општина Аеродром секојдневно работи на терен и вложува во подобрување на јавниот простор. Заврши времето кога се плаќаа по 30.000 денари за канти и клупи, а јавните пари се трошеа без контрола и одговорност.Граѓаните заслужуваат факти, а не дезинформации и евтин политички популизам“, се вели во демантот упатен од општина Аеродром до политичката партија Левица.