„Генералка викенд“ во Аеродром – прозорецот стои
Неколку дена овој прозорец стои потпрен на дрвото покрај контејнерите пред ООУ „Лазо Ангеловски“, а ни денешната акција „Генералка викенд“ не успеа да го помести.
Иако, градоначалчникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, денеска беше токму во ова училиште, од каде го означи учеството во „Генералка викенд“, не помина покрај контејнерите да го види и овој прозорец, на кој местото не му е таму.

Сепак, мора да се признае дека со хируршки ракавици и со пластични вреќи, овој прозорец не може да се собере, а децата кои беа инспирирани да учествуваат во акцијата пак, воопшто не се должни да поместуваат ваков отпад.
Ама затоа секојдневно го гледаат. Дури и кога овој прозорец ќе го снема од таму, на негово место ќе дојде друг таков несоодветен отпад.
Како тогаш ќе се пренесе пораката дека ова не треба да ни се случува?
Џабе се сите силни бројки кои во соопштение ги сподели општината Аеродром денеска, која и оваа година активно се приклучи кон „Генералка викенд 2026“ – најголемата еколошка акција во државата и регионот, која се реализира на повеќе од 500 локации во 80 општини.
„Во континуитет Општина Аеродром спроведува еколошки иницијативи во соработка со компании, организации и колективни постапувачи, создавајќи систем што дава конкретни и мерливи резултати.
Токму резултатите ја позиционираат Општина Аеродром како една од најактивните и најпосветени општини во државата во областа на селекцијата и рециклирањето отпад:
– 2,1 тон електронски отпад собран преку ЕЛКОЛЕКТ
– 1,617 тони електронски отпад преку НУЛА ОТПАД
– 57,95 тони отпадни гуми преку ГУМАТЕК
– 6,67 тони отпадно стакло преку игло-контејнери
– 240 тони селектирано стакло од локали и ресторани
– 1,13 тони текстил преку специјални контејнери, со што Аеродром е водечка општина во државата
– 0,15 тони отпадна пластика преку вендинг-машини

Овие бројки се повеќе од статистика – тие се доказ дека со заедничка работа на институциите, образовните установи, компаниите и граѓаните, може да се создаде почиста, поздрава и поодговорна животна средина“, велат од општината.
Во акциите за чистење, селектирање и рециклирање отпад учествуваа ученици, деца од градинките, волонтери од Црвен крст, Домот „11 Октомври“, општинската администрација, како и голем број граѓани. Паралелно се реализираа и едукативни активности за правилна селекција на отпад во училиштата и градинките, со цел подигнување на еколошката свест уште од најрана возраст.
Општина Аеродром останува посветена на инвестициите во еколошката инфраструктура, селекцијата и рециклирањето на отпадот, како и во градењето современа и одржлива урбана средина за сегашните и за идните генерации.