Онкологија: „Скандалот“ на Мицкоски не е скандал, обвинувањата се неосновани

Апсолутно не станува збор за никакво ново откритие или скандал кој беше објавен од страна на Христијан Мицкоски. Наводите и документите кои беа објавени се дел од документацијата која уште од почетокот на истрагата е предадена на сите истражни органи. Истата документација е во целост предадена и на Анкетната комисија, се вели во реакцијата на Клиниката за радиотерапија и онкологија-Скопје на наводите искажани од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната прес-конференција.
– Во однос на конкретните обвинувања би сакале во целост да ги отфрлиме. Прво, за ненавременото добавување на лекови и обвинувањата дека намерно не се давани негативни референци за компаниите добавувачи, фактите се следни. Клиниката од добавувачите повлекува количини лекови најчесто на месечно ниво. Заради зголемени потреби и нови пациенти, често се случува побрзо исцрпување на повлечените количини и истите да се потрошат порано од планираното. Во тие случаи на добавувачите им треба време за испорачување на нови количини. Ова не може да биде предмет на негативна референца. Дополнителна причина за одредени лекови е глобален или регионален недостаток кој е честа појава за време и по пандемијата, се наведува во реакцијата од ЗУ УК за радиотерапија и онкологија – Скопје.
Како неосновано и погрешно, од Онкологија го оценуваат обвинувањето дека на Клиниката се набавувале лекови на залиха. Тврдат дека количината за која се обвинува дека била вишок на залиха, не само што не е залиха туку била неопходна потреба и е во количина за мал број пациенти, и тоа од едниот лек само за 9 пациенти од друг лек за 5 пациенти.
– За еден од лековите (Абиратерон) воопшто и немало залиха и жалиме што со вакви неточни информации се манипулира јавноста. Ваквата пракса на менаџирање со лековите на УКРО е нужна и исправна за да не дојде до застој во давањето терапија, додека се завршат постапките за нови набавки. Уште еднаш апелираме и замолуваме да се престане со политизација на судскиот процес и оцрнување на Клиниката. Клиниката е транспарентна и отворена за сите институции за овој случај, вклучително и за Анкетната комисија. Ваквите политички манипуларани презентации на документација која не е ниту тајна, ниту скриена е само обид за злоупотреба на УКРО за дневни политички цели, стои во реакцијата од Клиниката за радиотерапија и онкологија на вчерашните наводи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно тврдеа дека на Онкологија умирале луѓе бидејќи не им се давале лекови туку се препродавале, сега тврдат дека ги имало премногу, односно дека при постоење на залихи се нарачувале нови количества, па целиот тој наводно скандал го нарекоа „Диво месо“.
„ Согласно документите кои ги презентиравме клиниката за Онкологија и покрај доволните залихи со лекови, набавувала нови количини од омилената веледрогерија на власта. Иако ги “оќореле“ од пари, сепак пациентите биле оставани без терапија и за тоа никој не бил повикуван на одговорност. Како е тоа возможно? Добавувачот на скапата терапија правел дефектури, доцнења со доставата и никој за тоа не алармирал или не повел постапка. Исто така, она кое што е видливо од документите, во клиниката веројатно свесно не се водело сметка за трошењето на вијалите со скапата терапија. Односно, ако една вијала се потрошела до половина за еден третман на еден пациент, другата половина не се знае дали и на кого била искористена, затоа што не се водела евиденција. Тоа остава простор за злоупотреби, препродавање на црно или во најмала рака несовесно користење на екстремно скапа терапија која е купена со народни пари. На крајот она кое што особено загрижува е што скапата терапија била давана во торби на лица кои биле заведени како пациенти за да ја аплицираат надвор од клиниката за онкологија, без да се знае дали воопшто била аплицирана или била злоупотребена. Овде се работи за мафијашки систем на злоупотреба на скапа терапија на клиниката за Онкологија кој траел вклучително и во 2023 година, што предизвикал екстремен трошок за здравството, штета на буџетот и најстрашно од се се правел на сметка на пациенти кои или не добивале терапија или ненавремено ја добивале. За овој случај не смее да нема одговорност. Овде се работи за диво месо кое го уништува системот на здравствена заштита“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателката на собраниската Анкетна комисија за скандалот во Клиниката за онкологија, Рашела Мизрахи денеска соопшти дека ќе побара продолжување на рокот за работа на оваа комисија и да се прошири опфатот на периодот на кој се однесува нејзината работа.
На денешниот последен ден за сослушување на сведоци и експерти, како сведоци вторпат се викнати поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев, државниот обвинител Љубомир Јовески, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешниот директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Стево Крстевски, а понатаму, како што рече Мизрахи, ќе се постави барањето до пленумот за проширување на надлежностите и работата на Анкетната комисија.