ОН потврдија дека саудиски службеник се заканил на експертка што ја водеше истрагата на Кашоги

Канцеларијата на Обединетите нации за човекови права ги потврди нејзините тврдења.
Портпаролот на Канцеларијата, Руберт Колвил го потврди пишувањето на „Гардијан“, во кое се наведува дека Агнес Каламард, известувач на ООН за вонсудски убиства, добила закани.
Британскиот весник ја цитираше изјавата на Каламард дека саудиски службеник се заканил дека „ќе се погрижи за неа“ доколку не биде одмерена во истрагата за убиството на саудискиот новинар.
Колвил рече дека Канцеларијата на ОН ги известила безбедносните органи на ОН за тоа.
Каламард за „Гардијан“ изјави дека заканата е упатена во јануари 2020 година за време на состанокот меѓу претставници на Саудиска Арабија и ОН во Женева и дека за тоа ја известил колега од ОН.
Каламард ја водеше истрагата на ОН за убиството на Кашоги во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври 2018 година, извршено од саудиски агенти.
Таа во извештајот од 2019 година заклучи дека има „веродостојни докази“ дека саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман и високи претставници на таа земја се одговорни за убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“.
Бин Салман негираше вмешаност во злосторството.
Откако саудиската делегација ја критикуваше работата на Каламард, пишува „Гардијан“, висок саудиски службеник изјавил дека разговарал со луѓе кои биле подготвени да „се погрижат за неа“.
Саудиската влада ги отфрли обвинувањата и посочи дека грозоморното убиство е дело на одметнати групи.