ОН: Не е препорачливо Сиријците во големи групи да се враќаат во татковината
Директорката на Агенцијата на ОН за бегалци Ејми Поуп денеска изјави дека голем број Сиријци се враќаат во татковината по соборувањето на режимот на Башар ал Асад.
– Луѓето имаат право да се вратат дома, но ние не советуваме да патуваат во големи групи бидејќи инфраструктурата не може да го поддржи тоа, посочи Поуп.
Асад моментално се наоѓа во Русија, каде што побегна откако бунтовниците го зазедоа главниот град на Сирија, Дамаск и ја презедоа власта.
ООН предупредува: Конфликтот во Сирија сè уште не е завршен
Конфликтот во Сирија сè уште не е завршен и покрај соборувањето од власт на претседателот Башар ал Асад, предупреди денеска специјалниот пратеник на ООН за Сирија, Гаир Педешен, обраќајќи се пред Советот за безбедност на ООН.
Педерсен се осврна на неодамнешните судири во северниот дел на земјата, каде прокурдските сили и протурските групи беа во директна конфронтација.
– Во изминатите две недели, пред постигнувањето на петдневното примирје, сведочевме на интензивни борби. Сега, примирјето истече и со загриженост ги следиме информациите за нова ескалација, изјави Педешен. Според него, понатамошна ескалација може да предизвика „катастрофални последици“.
Тој ги повика земјите-членки на ООН да покажат „широка поддршка“ за Сирија, што би вклучувало постепено укинување на санкциите за да се овозможи обновата на земјата. – Потребите во Сирија се огромни и можат да бидат адресирани само со координирани меѓународни напори, рече Педешен, дополнувајќи дека одложувањето на поддршката само ќе ги влоши условите за сирискиот народ.
Раководителот на службата за помош на ООН, Том Флечер, информираше дека моменталната хуманитарна криза во Сирија е една од најтешките во светот. – Над 17 милиони луѓе – повеќе од 70 проценти од населението – имаат потреба од хуманитарна помош, рече тој. Флечер повика на осигурување дека санкциите и мерките против тероризмот нема да ги попречуваат хуманитарните активности.
Дел од санкциите, како и строгите ограничувања против исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), го отежнуваат пристапот до помош. Иако групата е санкционирана како поранешно крило на Ал Каеда, новите власти во Сирија се соочуваат со предизвик да докажат дека се способни за мирно водење на земјата, што би можело да послужи како основа за преговори за олеснување на санкциите.
Педешен, заедно со Флечер, ги повика државите да избегнат повторување на грешките од други конфликти, како што беше случајот со Авганистан. – Мораме да работиме за да обезбедиме мирна политичка транзиција во Сирија. Ова вклучува и заштита на цивилното население, кое долго време страдаше од последиците на конфликтот, рече Педешен.
Пратеникот на ООН го осуди и зголемувањето на воените акции од страна на Израел, вклучително и нападите врз сириските складишта за оружје. – Овие акции не само што ги зголемуваат страдањата на сириските цивили, туку и го загрозуваат мировниот процес, предупреди тој.
Флечер ги повика меѓународните партнери да се фокусираат на долгорочната стабилизација и реконструкција на Сирија. „Само со заеднички напори можеме да се надеваме на одржлив мир во регионот,“ заклучи тој.