ОН ги истражуваат масовните гробници во Мариупол
Шефот на тимот на ОН за човекови права во Украина вели дека набљудувачите добиле повеќе информации за масовните гробници во опколениот пристанишен град Мариупол, вклучително и една во која се чини дека има 200 тела.
„Добиваме сè повеќе информации за масовните гробници што се таму“, рече Матилда Богнер преку видео врска од Украина, додавајќи дека некои од доказите потекнуваат од сателитски снимки.
Канцеларијата на ОН, која има 50 вработени во земјата, досега изброила 1.035 цивилни жртви. Но, поради тешкотиите тие да се потврдат, билансот вклучува многу малку жртви од Мариупол, кој е под силно бомбардирање со недели, рече Богнер.
„Степенот на цивилни жртви и на уништувањето на цивилни објекти силно сугерира дека се прекршени принципите на дистинкција, пропорционалност, правилото за изводливи мерки на претпазливост и забраната за неселективни напади“, рече таа.
Новинар на Ројтерс, кој стигна до дел од Мариупол што го држат руските сили во неделата, видл неколку тела како лежат покрај патот и група мажи како копаат гробови во парче трева покрај патот.
Тимот на Богнер истражува можни прекршувања на човековите права, како што се извештаите дека руските сили пукале и убиле цивили во нивните автомобили додека тие бегале; десетици случаи на исчезнувања на украински службеници и новинари и присилното движење на цивилите на територијата под контрола на Русија.
Русија негираше дека цели на цивили во Украина. Руските новински агенции јавија дека автобусите превезувале неколку стотици луѓе од Мариупол до Русија. Богнер рече дека нејзиниот тим, исто така, добил извештаи за прекршувања од страна на украинските сили, вклучително и неселективно гранатирање во Доњецк, источна Украина и две наводни убиства на цивили поради нивната поддршка за Русија.
Украинските власти постојано изјавуваат дека никогаш не гаѓаат цивили, додавајќи дека луѓето во Доњецк и Луганск се Украинци.