Џил Бајден ги врати туфните на голема модна врата во Токио


Јапонија- Туфните се вратија на голема модна врата. На најгледаниот спортски настан во светот –Олимписките игри во Токио од највлијателната прва дама во светот.

Д-р Џил Бајден на церемонијата на отварањето избра црно –бел фустан со туфни што ги искомбинира со црни сандали на висока потпетица, црна чантичка , бисери и црна маска со знамето на САД.

Истата комбинација ја носеше и во царската палата за да се сретне со јапонскиот цар Нарухито. За време на нејзината средба со јапонскиот премиер  Јошихиде Суга и неговата сопруга Марико Суга, Бајден се одлучи за цветен изглед. Таа носеше свилен комплет со здолниште со цвеќиња од хибискус додека домаќинката избра бел комплет. 

Олимписки игри во Токио се нејзиното прво соло меѓународно патување како прва дама. По Токио, д-р Бајден ќе ја заврши својата петдневна, соло турнеја во Пацификот со застанување во Хонолулу, каде што ќе посети клиника за вакцинација во локално средно училиште. 

На секои десет години малите или големите туфни во црна, бела или црвена боја се враќаат во колекциите, како никогаш да не излегле од мода. Ги красат чантите, чевлите, модните додатоци, балонерите, сакоата, здолништата, на фустаните како во актуелните колкеции на „Родарте“, „Дор“, „Блумарин“, „Прада“…

  • Кога станува збор за чевли, д-р Џил Бајден има неколку скапи брендови кои и се омилени како Прада, Диор, Џими Чу и Стјуарт Вајтцман. Кога станува збор за облеката, официјалниот стил на првата дама е мешавина од познати етикети како Брендон Максвел, иако поддржува и помали американски брендови како Џонатан Коен и Маркаријан. (Според агенциите)