Олабавувањето за Божик донесе страшен бран на инфекции во Ирска


На 12 декември Ирска имаше 52 случаи на милион луѓе, а вчера, еден месец подоцна бројката се искачи на вртоглави 1.322

Ирска излезе од шестнеделна блокада на почетокот на декември со најниска стапка на инфекција со корона вирусot во Европската унија.

Ги олесни ограничувањата во верувањето дека може да го запре порастот на вирусот за време на Божик, за разлика од Германија и Велика Британија, земји кои имаа повеќе од четири пати поголемо ниво на инфекција. Тогаш целиот пекол се ослободи, пишува „Гардијан“.

Од средината на декември, вирусот започна да се шири низ Ирска, добивајќи брзина незамислена во најлошите сценарија и формирајќи речиси вертикална линија што се искачуваше нагоре, нагоре и нагоре за да ѝ даде на Ирска во понеделникот, најголемата стапка на инфекции на Ковид-19 во светот.

Седумдневниот просек на земјата е 1.394 случаи на милион – надминувајќи ја Велика Британија која има 810, Португалија 735, САД  653 и Германија 248. На 12 декември Ирска забележа 52,31 случаи на милион луѓе. Оваа недела бројката беше 1.322,92.

Податоците од Универзитетот „Џон Хопкинс“ и Светската здравствена организација во понеделникот ја именуваа Ирска како земја со најмногу инфекции по глава на жител во изминатите седум дена, зад која следат Чешка, Словенија и Велика Британија.

Ирскиот вртоглав пораст на стапката на инфекција ги престигна САД на 5 јануари и Велика Британија на 6 јануари и продолжи со искачување. Околу 46.000 лица биле заразени во изминатите седум дена – повеќе од вкупно заразените за осум месеци од март до октомври.