ОЈО поднесе обвинение против директорот на ДИЗ за земање поткуп од 100.000 евра


Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против Васе Анакиев, кој се товари за кривичното дело примање поткуп.

Според обвинението, обвинетиот Васе Анакиев, во својство на директор на Државниот инспекторат за земјоделство, во март годинава побарал и примил значителна имотна корист за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.

Обвинителството наведува дека тој вршел притисок да не биде одобрен увоз на вештачко ѓубриво за правно лице кое се занимавало со производство и увоз на ваков производ, иако компанијата и претходно повеќепати увезувала ист вид стока. Воедно, според наводите, влијаел и врз фитосанитарен инспектор на граничен премин да не го одобри влезот на пратката во државата, поради што таа неколку дена била задржана на границата.

На 13 март 2026 година, во Свети Николе, обвинетиот, според Обвинителството, директно побарал поткуп од 100.000 евра за да го одобри конкретниот, како и идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал сумата да биде исплатена во три рати.

Шест дена подоцна, на 19 март, откако преку посредник му била предадена првата рата во износ од 50.000 евра, обвинетиот бил лишен од слобода од полициски службеници при преземањето на парите.

Заедно со обвинителниот акт, јавниот обвинител доставил и посебен предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.