Охридскиот регион не се впиша на листата на светско наследство во опасност
На 43-тата седница Комитетот за светско наследство одлучи природното и културното наследство во Охридскиот регион да не биде впишано на листата на светско наследство во опасност. Комитетот за светско наследство ги прифати аргументите на Владата на Република Северна Македонија и го препозна и поздрави прогресот кој е направен изминативе две години.
За време на дебатата за Охридскиот регион, земјите членки на Комитетот изразија широка поддршка за напорите на Владата за зачувување на интегритетот и автентичноста на светското наследство во Охридскиот регион.
Како позитивни реформи, Комитетот посебно ги истакна активностите на Владата како укинување на плановите за ски центар и експресен пат во Галичица, проектите за колекторскиот систем и пренасочувањето на Реката Сатеска, како и носењето на новиот Закон за управување. Комитетот ја нотира и поздрави одлуката на Владата од 11 јуни за спроведување на останатите препораки на УНЕСКО.
Согласно одлуката, Република Северна Македонија до 1 февруари 2020 треба да достави извештај за напредокот во остварувањето на останатите препораки на УНЕСКО. Врз основа на тој извештај се очекува УНЕСКО повторно да го разгледува случајот со Охридскиот регион на следната седница на Комитетот во јуни 2020.
Дополнително, на седницата на Комитетот се донесе одлука да се прошири границата на заштитеното добро, со што се вклучува и делот од Охридското Езеро во Република Албанија. Северна Македонија ја поддржа и поздрави оваа одлука, и блиску ќе соработува со Албанија во заедничкото управување и одржување на светското наследство.