Охрид SOS: Наместо парк, Бејбунар се бетонира
Во подножјето на Националниот парк „Галичица“, во некогаш зелениот појас на Бејбунар, богат со подземни води, забрзано се одзема буквално секоја педа за да се изградат што повеќе згради, една до друга, без каков било простор за урбано зеленило, или да се зачува барем она што останало, реагираат од Граѓанската иницијатива Охрид SOS.
„Деновиве, дел од просторот каде се наоѓаше механизацијата на Ј.П. ‘Охридски комуналец’ е претворен во градилиште, за кое меѓу другото се сечат децениски стебла. Додека ни го редуцираат зеленилото кое ни припаѓа, општинарите носат Стратегијата за развој на зеленило на Општина Охрид (2023–2032) со стратешка цел Охрид да стане одржлив ‘зелен град’, со мрежа на висококвалитетни и атрактивни зелени површини, што ќе придонесе за благосостојбата и здравјето на сите граѓани и посетители, притоа зачувувајќи ја животната средина и биодиверзитетот. Со стратешката цел, треба да се задоволи и законската обврска за 25 м² по глава на жител застапеност на зелени урбани инфраструктури.
Каква иронија!
Наместо атрактивни зелени површини, жителите на Охрид добиваат бетон. Огромни количини бетон“.
Во Правилникот за урбанистичко планирање, појаснуваат оттаму, предвиден е оптимален стандард на застапеност на зелени урбани инфраструктури од 25 м² по жител. Но, реалноста, како што велат, е далеку од оптималните стандарди.
Според нив, секој жител на Охрид има само 1,6 м² зелена површина.
„Општината ни одзела 93,6% од она што ни следува и што е оптимално (не максимално), а ни оставила едвај 6,4%. Па после се чудиме зошто е воздухот загаден, зошто повеќе нема струење, зелени простори за одмор и рекреација.
Изминативе 25 години се изградени стотици згради и одземени се огромни површини зеленило, овоштарници, обработливо земјиште, блатни пространства. Во овој период не се подигнал нов парк, нов дрворед (овде не се сметаат исечените стари дрвореди и засадените мали стебленца на нивно место), нова зелена оаза, рекреативна зона. Зелениот појас по должината на кејот до каналот е подигнат во минатиот век. Денеска од него се одземаат сегменти за да се направат паркинзи за угостителските објекти. Реално, Охрид нема градски парк, налик оној во Скопје. Скоро секојдневно се сечат децениски стебла, се одземаат зелени површини. Кирил Пецаков, градоначалникот на Општина Охрид, уште на почетокот на првиот мандат се заложи дека ќе работи на развивање на зелената агенда ‘Охрид зелен и хуман град’ со зголемена еколошка свест, така што ќе се зголемат зелените појаси во општината. Од тоа останаа само зборовите, а за време на неговиот мандат енормно се зголеми изградбата на висококатници. Се реализира токму спротивното од она што беше најавувано.“
Активистите на оваа граѓанска иницијатива велат дека градот Охрид спаѓа во средно големи градови.
Оценуваат дека процентот на препорачана вкупна застапеност на површини со зелени урбани инфраструктури треба да се движи од 14–20%.
„Според податоците на Државниот завод за ревизија процентот на планирано зеленило согласно актуелниот генерален урбанистички план на Охрид е под минимумот, односно 10,82%. Дополнително е утврдено дека во планските опфати на генералните урбанистички планови не е достигнат оптималниот стандард на застапеност на зелена урбана инфраструктура од 25 м² по глава на жител.“