Охрид не е на црната листа, ќе биде под засилен мониторинг на УНЕСКО


Фото: Б. Грданоски

Лејла Сабит

Охрид може да биде ставен на листата на светско наследство во опасност, односно едно скалило подолу од сегашниот негов статус. Тоа не значи исклучување од листата на светско наследство на УНЕСКО, туку засилен мониторинг односно соработка и поддршка од УНЕСКО во насока на спроведување на Конвенцијата, поголема посветеност и ангажман, од страна на сите засегнати страни: националните, локалните власти, здруженијата на граѓани, заедницата, поедниците, велат од Секторот за заштита на културно наследство при Министерството за култура, по разните информации во јавноста во однос на тоа што е вистина, а што шпекулација околу статусот на Охридскиот регион како светско културно наследство.

Во прилог на тоа, нема да се гради ски-центар и пат низ Националниот парк „Галичица“, а ќе се донесе и ДУП за охридското крајбрежје, информира деновиве Владата по извештајот што го објави УНЕСКО минатата недела, а со кој се препорача Охридскиот Регион да биде вклучен во списокот на загрозени светски вредности.

Фото: Б. Грданоски

Како што информираат од Владата, периодов донесен е План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион до 2029 година со акциски план за имплементирање на режимите за заштита.

„За заштита на водите и езерската флора и фауна во тек е комплетна реконструкција и целосно заокружување на колекторскиот систем долж целиот брег, вклучително и пречистителните станици, за што е формирано посебно државно Јавно претпријатие Колекторски систем, и се работи на финансирање за целосна реконструкција на системот, што е врвен приоритет за да се превенира загадувањето на Охридското Езеро“, се наведува во владиното соопштение.

Охридскиот регион, како мешовито природно и културно добро е впишан на Листата на светско наследство во 1979 година, во времето на СФРЈ, под тогаш други критериуми за впишување на листата на светско наследство на УНЕСКО, со директна постапка на подготовка на номинационо досие без првично поставување на тентативната листа ( која како постапка е воведена од страна на УНЕСКО подоцна). Првично, доброто е впишано како природно наследство, а една година подоцна и како културно наследство. Во 2019 година за време на 43 сесија на Комитетот на светско наследство на УНЕСКО (Баку, Азарбејџан) од страна на Комитетот одобрено е номинационото досие за светското природно и културно наследство на регионот поднесено од страна на Р. Албанија со поддршка од нашата држава и донесена е одлука за проширување на заштитеното добро. Од тогаш веќе зборуваме за прекугранично светско природно и културно наследство на Охридскиот регион, кое упатува кон заедничко управување во насока на негова заштита.

Фото: Б. Грданоски

„Статусот на листата на светско наследство на УНЕСКО првенствено претставува препознатливост и промоција на универзалните вредности на доброто во светски рамки под покровителство на престижната меѓународна организација – УНЕСКО кои следствено ги отвараат вратите и за другите придобивки: економски и финансиски, туристички, научни, образовни и сл.“, велат од Секторот.

Ова неминовно е поврзано со финансиски бенефит на конкретен град, регион односно држава.

„На пример, развојот на туризмот во Охридскиот регион е директно поврзан со овој статус и препознатливоста на регионот во светски рамки. Но, би сакале да напоменеме дека тоа не и најважниот бенефит. Најважниот аспект е доследното спроведување на Конвенцијата која вклучува соодветни цивилизациски критериуми за заштита и управување со самото светско наследство од кои имаат бенефит сите граѓани на долг рок“, појаснуваат од Министерство за култура.

Во 2017 г, за време на Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО реализирана во нашата земја и официјално со Одлуката на Комитетот на светско наследство одржана  во Краков 2017  состојбата со природното, не само со културното наследство (бидејќи Охридскиот регион е мешовито светско наследство) е препознаена како ранлива. Несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот“, се дел од заклучоците на УНЕСКО за случувањата во Охрид, последните години.

„Од оваа листа на светско наследство во опасност, а со засилен мониторинг од страна на УНЕСКО и советодавните тела, со сериозен ангажман на сите засегнати страни и доследно спроведување на горенаведените препораки и имплементација на Конвенцијата, ова светско наследство може повторно да се врати на редовната листа на светско наследство на УНЕСКО, односно на статусот кој се уште го има ова светско наследство. (На пример Котор беше 4 години на оваа листа од 1979 – 2003 г; Дубровник од 1992 – 1998 г; Виена веќе 2 години од 2018 г.)

Исклучувањето од листата на светско наследство е последна фаза за конкретно добро кое од листата на светско наследство во опасност може да биде исклучено од Листата на УНЕСКО доколку не покажува никаков интерес за имплементација на Конвенцијата и обврските кои што произлегуваат од неа. Тогаш Комитетот може да донесе одлука за негово ислкучување без можност за негово враќање на Листата на светско наследство на УНЕСКО“, велат од Секторот за заштита на културно наследство при Министерството за култура.