Охрид крие многу тајни: Пронајдени се остатоци од најстарата населба во Европа, а тоа е само дел од приказната

Албанскиот археолог, Адријан Анастаси, рече дека веројатно ќе бидат потребни децении за целосно да се истражи областа.
Археолозите се убедени дека на албанската страна од Охридското Езеро пронашле остатоци од најстарата населба во Европа. Наводно, во областа има докази за организирани ловни и земјоделски активности од страна на заедница која живеела тука пред 8.000 години.
Тим истражувачи од Швајцарија и Албанија поминува неколку часа секој ден на длабочина од три метри барајќи ги дрвените столбови што ги потпирале куќите.
Тие, исто така, собрале коски од домашни и диви животни, како и бакарни и керамички предмети кои биле богато украсени.
Алберт Хафнер, од Универзитетот во Берн, изјавил дека слични населби се откриени во алпскиот и медитеранскиот регион, но дека населбата во Охрид, во градот Лин, е постара за околу половина милениум, што значи дека постоела пред шест или осум илјади години.
„Бидејќи е под вода, органскиот материјал е добро зачуван и ова ни овозможува да откриеме што јаделе луѓето од тоа време и какви култури саделе“, рече Хафнер.
Неколку студии покажаа дека Охридското Езеро, на границата меѓу Македонија и Албанија, е најстарото во Европа. Според проценките, тоа е старо повеќе од милион години.
Староста на езерото се утврдува преку радиојаглеродно датирање и дендрохронологија, која го мери годишниот раст на дрвјата. Повеќе од илјада примероци од дрво се собрани на езерото.
Се верува дека населбата зафаќала површина од околу шест хектари, но само 1 процент е ископан и тоа по шестгодишно истражување.
Албанскиот археолог, Адриан Анастаси, рече дека веројатно ќе бидат потребни децении за целосно да се истражи областа.
„Врз основа на тоа како живееле, што ловеле и јаделе и како ја граделе населбата, можеме да кажеме дека биле исклучително паметни во тоа време“, заклучи Анастаси.