„Охрид-фест“ најави враќање на трите вечери во септември


Фото: Б. Грданоски

Интернационалниот фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ го објави конкурсот за годинешното 28 по ред фестивалско издание закажано за 9, 10 и 11 септември во Охрид.

Организаторот на манифестацијата очекува дека ова фестивалско издание ќе мине во „старата нормалност“, односно дека како и вообичаено престојното издание на „Охрид-фест“ ќе се одвива во трите предвидени фестивалски вечери со фолк, поп и интернационална вечер.

За учество на распишаниот конкурс потребно е до организаторот да биде доставена демо-снимка и текст на македонски јазик со наслов на композицијата, назнака за која фестивалска вечер е наменета песната. Предуслов за учество е композициите претходно да не бидат изведувани, а истите да бидат соодветно авторски заштитени.

Годинава фестивалот става посебен акцент и дава голема поддршка за дебитанти, новите музички сили кои ќе имаат можност да настапат на 28-то издание на „Охрид фест- Охридски трубадури“, и во фолк и во поп вечерта. Демо-снимките од нивните композиции е потребно да бидат со пратечки инструменти, пијано и гитара.

Заинтересираните учесници своите авторки дела да ги испратат на адресите [email protected] и [email protected]

На конкурсот можат да учествуваат сите домашни и странски автори кои ги исполнуваат условите за учеството, а рокот за поднесување на пријави е до 15 април 2021 година.

Уметнички директор на фестивалот е композиторот Григор Копров.