Охрид е центарот на македонскиот гламур: Тоалети и штикли, зошто да не?

Секое лето иста „охридска“ песна со „скопски рефрен“. Гламурот од главниот град се сели покрај охридското крајбрежје, како од париските гала-настани на канската ривера. Црвен килим или тешко проодна калдрма, не е битно. Скопската елита од „културни“ причини, односно заради отворањето на „Охридско лето“ го сели гардероберот поблиску до езерото, зашто гала-настаните во услови на Ковид, можат да се избојат на прсти. А и по една ипол година природен и спортски изглед, време е за шминка и фризура, за вечерни тоалети и високи потпетици.
Елитата и помодарите, по никоја цена не се откажуваат од неудобните штикли или елегантниот изглед, длабоките деколтеа, накитот и парфемите, ниту пак од можноста да видат, или да бидат видени на атрактивните културни локации-од Античкиот театар до „Света Софија“. Некои специјално за отварањето, некои за викенд, некои да уживаат во убавата музика, балет и поглед, а некои до доцна во ноќта да дебатираат на вечера или на пијачка во охридските ин ресторани.
Гламурот е релативна работа во Охрид. До Античкиот театар доаѓате и се симнувате пешки по незгодната охридска калдрма, освен ако не ве пуштат со кола или ако не сте прва дама, како и да седите на неудобните квазиседишта, не изгледате достоинствено, се симнувате и се качувате по високи, камени скали и ве придржува партнерот или пријателката да не паднете. Иако е лето, вечерите знаат да бидат студени па најчесто не знаете што да облечете.
Годинава во публиката видовме стари и нови лица, претставници на естаблишментот и на дипломатскиот кор, стари пријатели и вистински вљубеници во домашната и светската култура, и во Охрид секое лето се наоѓа по некој „бисер“ меѓу „бижутеријата“ со која е полна секоја дамска кутија за накит.
Бонтонот, вкусот, прчењето или практичноста го формираат стилот на “Охридско лето”. Зависи за што доаѓате: да уживате во музиката или да ве видат! (Л.С.)