ОФИЦИЈАЛНО: Асаф Адеми си поднесе оставка од фунцијата Министер за култура
Асаф Адеми од редовите на политичката партија „Алтернатива“ денеска информираше дека се повлекува од функцијата министер за култура од здравствени причини.
Тој, на пресконференција од партиското седиште рече дека оставката ја донел во консултација со претседателот на „Алтернатива“, Африм Гаши.
Адеми на функцијата министер за култура дојде во јуни 2018 година. Тој е дипломиран градежен инженер, а во биографијата се запишува и неговото амбасадорско место во Данска. Претходно, бил и раководител на урбанистички сектори во гостиварската општина, но и менаџер на компанија која нуди услуги во областа на информатичката технологија.
Засега, незивесно е кој ќе седне на министерското столче во културата.
Претходно, на прес-конференција во Владата, премиерот Зоран Заев изјави дека ја очекувал оставката од министерот за култура Асаф Адеми, кој денеска објави дека се повлекува од функцијата поради здравствени причини.
– Тој ја најавуваше оставката повеќе од шест месеци и има здравствени проблеми. Сакаше да ја поднесе оставката уште пред Програмата за култура, но знаете дека имаше дилема дали ќе се оди на претседателски заедно со парламентарни избори, па потоа се одлучивме на претседателски. Молбата од мене како мандатор и премиер беше да се почека, да поминат изборите, изјави Заев во Владата.
Премиерот додаде дека има разбирање за здравствената состојба на Адеми и за неговиот личен однос по ова прашање.
– Тој утрово ме информираше за деталите. Денеска знам дека има закажано прес-конференција и потоа ќе пиеме заедно кафе. Верувам дека во неговиот иден живот ќе можеме повторно да соработуваме, но ова е само уште едно испразнето место кое ќе биде дел на новата реконструкција, рече Заев.
Тој изрази благодарност до Асаф Адеми за неговиот ангажман во културата.
Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека тој лично размислува за новиот министер за култура и додаде оти се уште не е подготвен да соопштува имиња.