Одеса здивна – руските бродови се повлекоа
Жителите на Одеса од градот направија вистинска тврдина. Градот се обидува да се врати во нормала, клубовите и рестораните на плажа повторно се отворени
Среде гласните сирени за воздушни напади, неизбежните контролни пунктови и честите патроли кои кружат низ градот и сеприсутните стравови од руски напади, историското и космополитско пристаниште на Украина во Одеса полека се обидува да ја врати својата славна релаксација, како да се работи за уште едно оружје во борбата против Кремљ.
„Музиката е живот. Кога таа ќе замолчи, сѐ може да се случи. Ги штитиме нашите умови со музика“, изјави музичкиот критичар Олександар Пролетарски за Би-Би-Си додека седеше во бар во мрачен клуб недалеку од центарот на градот.
Клубовите, рестораните на плажа и салоните за маникир не се отворени само за Одеса да му пркоси на рускиот агресор или да економски да живне. Нивното враќање во таква нормала е сигнал дека Украинците не се незадоволни од развојот на конфликтот со Русите, барем кога станува збор за фронтот околу Црното Море.
„Чувствувам дека градот се буди. Мислам дека стравот се намалува. Луѓето веруваат во нашата армија која нѐ штити и се чувствуваат удобно и безбедно. Мислам дека Русите не победуваат“, изјави Александар Ходошевич по едночасовниот концерт со својот психоделичен инструментален бенд во клубот „Мор мјузик“.
Клубот неодамна беше повторно отворен и веднаш почна да организира попладневни концерти. Така, одешани може да се вратат дома пред полицискиот час.

Северно од градот, на ветровитата плажа популарна кај туристите, бодликавата жица, нагазните мини и вреќи со песок го блокираат пристапот до морето.
„Видов руски бродови, но тие се повлекоа. Тие знаат дека сме закана. Имаше многу пукање кон нас. Нѐ ракетираа, фрлаа бомби од дронови. Тие овде, сепак, нема да победат. Само нека се обидат да се истоварат на брегот. Скапо ќе го платат тоа“, изјави Анатолиј, 27-годишен украински војник кој управува со противвоздушен топ.
Не е дека самодовербата на Одеса расте без причина. Руските напади врз украинските позиции во близина на Црното Море ја губат својата сила. Украинците успеаја да заштитат важен мост во Миколаев, а има информации дека од тој град ги принудуваат Русите да се повлечат.

Руските сили кои го окупираа Херсон пред еден месец сега се соочуваат со обвинувања за престрого постапување со демонстрантите и за киднапирање на локални водачи со цел целосно да ги задушат протестите.
„Кога почнаа да користат гас, димни бомби и шок бомби, почнав да бегам. Тоа беше навистина страшно“, изјави за Би-Би-Си Лада Даник, предавач на Универзитетот во Херсон.
„Русите почнаа да киднапираат луѓе, одејќи во становите на демонстрантите и активистите. Се чини дека користат поопасни техники и тактики. Мислам дека ги фаќа паника“, додаде Даник.
Одешани се многу благодарни за фактот што украинските сили во Миколаев и Вознесенск го запреа напредокот на руските војници.
Дали, сепак, може да успее морски напад? Хана Шелест, аналитичарка и директорка на безбедносната програма на Советот за надворешна политика „Украинска призма“, смета дека Одеса можеби би паднала доколку лидерите наклонети кон Москва се согласеа да договорат предавање на градот во првите денови од војната. Тоа, вели таа, сега веќе не е можно, а Русите тешко ќе го нападнат пристаништето без поддршка од база на копното.
„Мене ми се чини дека тоа е невозможно. Ако се погледнат техничките услови и теренот, Одеса никогаш не би можела лесно да се заземе од морето. Историјата многупати го покажала тоа“, изјави Шелест.
Во меѓувреме, тунелите под градот, долги можеби 2.500 километри, повторно се претвораат во засолништа од можни воздушни напади. Душеци и храна чекаат во темните агли на тунелската мрежа користена за време на Првата и Втората светска војна и Руската граѓанска војна.
„Овде има графити напишани во 1940-тите. Едниот вели: ‘Смрт за фашистите’“, рече историчарот Максим Баранешки.
Одешани се надеваат дека историјата нема да се повтори и дека Русите нема да продолжат на запад.