Одбраната на Камчев тврди дека „Плацевите на Водно“ се од удели од деловното работење на „Орка“
За „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“ во судскиот процес „Плацови на водно3 обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, а неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, додека првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Во конкретниот случај, пред сѐ, не може да оди оваа правна квалификација на овој начин и со ваков обвинителен акт. Затоа што, оној којшто, според она што денеска го кажа обвинителката, ги пуштил како прв парите во промет не може да биде обвинет, не се исполнети законските претпоставки. Второ, слушнавме во воедниот говор, нови докази за наводни трансакции. Трансакции финансиски, без економско вештачње, какво што ниту е најавено, ниту е направено од обвинителсвото, не може да има. Ќње докажеме дека ништо одва не е направено на тој начин и на било кој друг, туку дека сите средства коишто учествуваат во овие откупувања на удели се од деловно работење на компанијата „Орка“ – рече адвокатот Еленко Миланов, кој го брани обвинетиот Орце Камчев.
Тој упати апел до сите инстиуции, дека здравствената состојба на Орце Камчев, за што доставиле обемна документација од четири институции и од сите кардиоваскуларни стручњаци укажуваат на многу висок ризик од условите во кои се наоѓа, да може да има страшни последици по неговото здравје.
– Со она што го имам на увид до овој момент, сметам дека нема апсолутно никаква вина. Во таа насока ние изготвивме и економско вештачење со коешто тоа го потврдуваме – рече Миланов.
Денеска почна судскиот процес во предметот познат во јавноста како „Плацови на Водно“, во кој обвинети се Никола Груевски, Сашо Мијалков, Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.
Предметот произлезе од „Империја“ кој го отвори СЈО, а сега е во рацете на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупцијата. Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава, од каде откако го прифатија и електронски го распределија кај судечки совет, го закажаа и првото рочиште за денешниот датум.
Стефанова: Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски
Немало непроверени лица во овие работи, само најблиски, изјави денеска обвинителката Лиле Стефанова во воведниот говор од првото рочиште за случајот „Плацови на Водно“ во кое првообвинет е поранешниот премиер, Никола Груевски, а со обвинението се соочени и Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка, Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“. Неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
– Обвинетите со умисла ги презеле сите дејствија на извршување кои се опишани во обвинителниот акт. За секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдиме ќе изведеме докази. Материјалните ќе ги презентирам јавно, вербалните ќе ги слушнеме сите, и, на крај, верувам дека без никакво сомнение ќе се утврди фактичката состојба, кажа Стефанова во воведниот говор.
Притоа, таа откри дека Груевски на плацот на Водно сакал да гради куќа во барок.
-Ќе докажам дека во зградата во која живеел купил стан и го запишал на име на сведок кој ќе биде сослушан. Во 2009 го купил и четвртиот стан од истата зграда и го запишал на име на фирма. Во доказната постапка ќе изведеме материјални докази, од кои судот ќе се убеди дека Груевски во 2009 година за себе обезбедил плац од 2.700 метри квадратни, до резиденцијата на Вилма Трајковска. Ќе ги презентираме и проектите за куќата, која секако е во барокен стил, а требало да биде изградена. Обезбедил и два плаца во Крушево. Влијаел да се изменат закони, за да може да се продаваат шуми и земјоделско земјиште за да се градат викендици. Овие плацеви биле на име на неговиот кум, Ристо Новачевски, истакна обвинителката Лиле Стефанова.
Таа побара сите обвинети да бидат огласени за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт.
По воведниот говор на обвинителката, поради правило на еднаквост на оружјата, одбраната упати предлог да им се дозволи да разгледаат докази, кои, според нив, беа споменати во воведниот говор на обвинителката, а не им биле дадени на увид претходно, по што судот одлучи да ја одложи расправата за 19 јули.
Според обвинението, обвинетиот Никола Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации.
Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Екс премиерот Груевски е во бегство во Будимпешта, а Мијалков и Камчев во Судот беа спроведени од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари каде издржуваат мерка притвор. Останатите обвинети, пак, се со полесни мерки на претпазливост.
Истрагата за „Плацовите на Водно“ беше отворена во октомври лани, а обвинението стигна во судот во мај годинава, од каде откако го прифатија и електронски го распределија кај судечки совет, го закажаа и првото рочиште за денешниот датум.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.