Ода на младоста и иднината
Србија ја откри свежината на здравиот, младешки чист ум. Тие денеска држат час. Српските студенти сакаат, патриотски, да останат во својата земја каде што правдата ќе биде вкоренета во вистината, напоена со упорност и ќе цвета во мудроста. Сакаат земја достојна за нивното останување
Ги изненадија сите. Опишувани како аполитични, незаинтересирани за општеството и обземени од прагматизам, младите луѓе тектонски ја потресоа Србија, покажувајќи дека сакаат здраво, праведно и сочувствително општество кое ќе ја врати изгубената доверба во отуѓеното и поделено општество со моќта на разумен дијалог.
Покажаа дека се многу поинакви отколку што мислевме. Подобро од другите, тие го препознаа времето во кое живеат и храбро зачекорија во светот на возрасните. Тие се чувствуваат важно, бидејќи гледаат дека нивниот глас вреди. Тие сакаат, патриотски, да останат во својата земја каде што правдата ќе биде вкоренета во вистината, напоена со упорност и ќе цвета во мудроста. Сакаат земја достојна за нивното останување.
Започна со благородна манифестација на солидарност и емпатија, духовен обред на колективно прочистување „15 минути молк“ за 15 жртви од трагедијата во Нови Сад. Во четири точки бараат вистина, правда, морал, совест, чесност, чест, хуманост, но и казнување на одговорните за падот на настрешницата и оние кои биле пратени да ги тепаат. Младите луѓе од повеќе од 60 факултети и средношколците од десетици гимназии и средни училишта се одлучија на бојкот каков што не е виден од 1968 и 1996 година.
Студентите се како добри џудисти. Ја претвораат силата на противникот во сопствена снага. Тие знаат што прават и тоа го прават промислено. Тие нудат да се реши она што ние не успеавме. Не сакаат да растат како послушници. Бараат законот да важи за сите. Тие го трасираат патот и им даваат смисла на животот на генерациите кои не им создале такво општество. Затоа нѐ разбудија.
Значаен дел од постарите, вкочанети од апатија, страв и неактивност, се чувствуваат засрамени, но се гордеат со Z-генерацијата што ги наследува.
Генерацијата која порасна на игрици има свој начин на размислување. Открива предизвици и полесно одредува стратегии. Студентите се договараат за одлуките преку демократска дебата. Одлучност има, но нема ништо од гневот што се насели кај постарите генерации. Тие се логични и неочекувано добро организирани.
Признавам дека сум фасциниран кога слушам како бруцошите, па дури и средношколците, јасно соопштуваат што мислат и што бараат. Се чини како огромното мнозинство да ја поминало школата за реторика. Што веројатно има свое објаснување: кога верувате во нешто длабоко, кога не размислувате дали вашите зборови можат да нанесат штета на некој над вас, тогаш мислата е јасна, логична и комуникативна.
Тие можат да бидат идеалисти, и треба да бидат, но нивното гласно барање за правда и вистина е несоборливо. Додека ја критикуваат владата и општата корупција што е вградена во новосадската натстрешница, тие не се однесуваат партиски, знаејќи каде тоа ќе води. Не им дозволија на опозиционерите да им се придружат, свесни дека ќе ги следат баражи на обвинувања што власта ги упатува кон политичките ривали. Би била злоупотребена автентичноста на протестите а тие евтино би се дискредитирале.
Го заобиколуваат Александар Вучиќ и велат дека немаат што да разговараат со него. Нивните барања се надвор од претседателските уставни овластувања. Тие се обраќаат до институциите кои ги прозиваат и ги повикуваат чесно и непристрасно да си ја извршат работата. Сакаат системот да функционира – или целосно да се соголи во земјата на потемкиновите, а не независни институции, кои се претворени во касарни на режимот.
Звучи политички? И да, но младите не се уништувачи, туку градители на поправедно и подобро општество. Сакаат да присвојат отуѓена политика. Затоа веднаш добија толку голема поддршка. Затоа луѓето се тркаат да им го олеснат животот во блокадата. Привлечноста на нивниот достоинствен бунт е во неговата неизвалкана искреност, во нивниот порив системски да се поправи земјата која морално тоне и покрај растот на БДП.
Владата беше изненадена. Таа се најде во судир со новата генерација. Чувствува дека ја губи битката со привлечната моќ на младоста. Таа за првпат се соочува со барања за правда и вистина кои ниту еден кризен менаџмент не може да ги оспори.
Младите нудат можност да ја вратат довербата во политиката, но владата наместо да отвори дијалог за да најде одговори како и зошто настанал овој автентичен процес на бунт, се потпира на конвенционалниот арсенал и следи стари сценарија. Таа прави сè за да избегне одговорност.
Немаше репресија, или минимална, но имаше „репрезентативна репресија“ – платени фантомџии – активисти и нервозни „минувачи во цивилна облека“ кои со своите автомобили се возат на дневните комеморативни собири за 15, а по трагедијата во загрепското училиште , за 16 жртви. Шемата пукна кога беа објавени официјалните инструкции на функционерите на владејачката Српска напредна партија за тоа како да се провоцираат демонстрантите.
Не поминаа ниту излитените трикови од арсеналот на советската КГБ или југословенската УДБА за „заговори однадвор“. Многумина во владата мора да зовриваат од беспомошен бес, бидејќи се испостави дека студентите не ја купуваат старата мантра за „хибридна војна“ и надворешен непријател. Тие се понижени од зборовите дека биле доведени во заблуда од разузнавачките служби на Хрватска и Косово, кои од чиста завист ја уништуваат „најпросперитетната држава на Западен Балкан“. Системската корупција не е измислица однадвор, ниту изум на „обоени револуции“, но власта ги суспендира вработените кои учествуваат на комеморации.
Претседателот, научен да купува лојалност, се обидува да ги смири студентите со ветувања за евтини кредити за станови. Младите кратко одговорија: правдата и достоинството не се продаваат за субвенции. Не сакаат подароци од Данајците. Вучиќ на наставниците во штрајк им понуди повисоки плати од парите што ги немаше пред два месеци. Не поминува. Потоа во манипулативен обид да купи молк ги праќа средношколците на предвремен распуст. Учениците одговараат: одиме на училиште.
Сите барања се исполнети, тврдат надлежните. Не се исполнети, одговараат студентите, кои веројатно подобро знаат што бараат и што добиле.
Власта е научена лесно да се спротивставува на често немуштата опозиција, да уценува генерација родители, но таа е разоружана пред студентите и средношколците. Неизвалканиот студентски бунт е заразен. Ним им се придружуваат просветни работници, писатели и актери, пензионери. Селани им готват гулаш. Дури и омилените претседателски „делии“ на Црвена звезда предупредуваат да не се чепкаат студентите.
Сѐ повеќе и повеќе фосилизирана во ароганција, властите им наложуваат на ботовистичките пропагандисти да молчат за солидарноста што го вмрежи регионот од Риека, Загреб, Љубљана, Сараево, Скопје, Подгорица, Цетиње и Косовска Митровица. Или Северина, која испеа песна за поддршка на студентите во Србија.
Претседателот продолжува да регрутира противници: тој ги прозива деканите и ректорите, обвинителите и судиите. Не му чини ни државната телевизија РТС. Не му чинат сите оние што слепо не го слушаат. Ако продолжи вака, поради максималистичката желба за тоталитарна контрола, ќе остане без народ. А богами и без преторијанците кои како стаорци ќе го напуштат и онака навалениот брод.
„Нека ни држат лекции, тоа мене не ме интересира“, го дефинираше својот став претседателот во една пригода овој март, но политиката на глава на ној во песок никогаш ништо не реши. Ако власта мисли да ја блокира блокадата, гогаш е во тешка грешка. Ако верува дека ќе им помогнат од таблоидните јуришници кои ги опишуваат студентите како талибанци и ги нарекуваат „насилници, педофили и тепачи “ и „деструктивни толпи“ поврзани со опозицијата, се лаже уште повеќе. Тоа што патријархот не дал благослов на српската младина е потврда за блискоста на Црквата со режимот.
Скриптата што ја користи власта е застарена. Има многу симптоми кои налагаат добро да размисли што прави. Помудро би било да се праша зошто е мета на критики, зошто произведува огорченост, наместо да ја обвинува иднината на оваа земја.
Претседателот нуди разговори. За студентите не се важни разговорите, туку подготвеност за промени. Младите можеби некому изгледаат наивно, но речиси цел живот го поминале во ваков систем. Лесно го декодираат. Мимикриите не поминуваат.
Србија ја откри свежината на здравиот, младешки чист ум. Тие денеска држат час. Признавам дека им завидувам. На моја возраст, сосема е ретко нешто да се случи за прв пат. А тоа се случи во неделата на белградска „Славија“. Никогаш не сум бил на собир со толку многу луѓе и и со толку многу тишина. Таа благородна неагресивна енергија речиси преку ноќ го врати оптимизмот. Капа долу!
Велат дека има развиени земји, земји во развој и земји со пречки во развојот. Ајде да им отвориме време утре да ги отстранат пречките за развој. Сега знаеме какви деца имаме. Ова е само почеток. Ќе се сеќаваме кој молчеше, порачуваат студентите кои ни ја испратија најубавата честитка за новата 2025 година.
(Бошко Јакшиќ е познат српски новинар. Текстот е објавен во сараевско „Ослобоѓење“.)