Од валцер до севдах: Предновогодишни концерти во „Борис Трајковски“


Светската ѕвезда Андре Риу, познат како „современиот крал на валцерот од Австралија до Мексико, на 23 ноември (среда) ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој во Македонија доаѓа со неговиот 60-член „Јохан Штраус оркестар“, најголемиот приватен оркестар на светот.

Концертот е во организација на „Пасворд Продукција“. Билетите се пуштени во продажба од 23 јануари.

Риу гостуваше во Македонија и во 2019 година, исто така во „Борис Трајковски“. 
 

„Ако некое музичко дело го допре моето срце, ќе го допре и вашето. Оваа прекрасна музика ми дозволува да внесам радост во животот и смеа во светот. Сѐ е дозволено на моите концерти: смеење, плачење, танцување, пеење. Емоциите се тајната на мојот успех“, вели Холанѓанецот Риу.

Риу годишно одржува по 100 концерти, на кои изведува познати композиции со меѓународни солисти. 

„Со повеќе од 40 милиони продадени албуми, 30 први места на топ-листите и со 500 платинести изданија, Риу е вистински маестро на публиката, како што го нарекува ‘Њујорк тајмс’“, велат од „Пасворд“.

Легендата на босанската народна музика Халид Бешлиќ на 26 ноември ( сабота) ќе одржи концерт во Скопје. Концертот ќе се одржи во Арената „Борис Трајковски“, а билетите веќе се пуштени во продажба.

Тој доаѓа за прв пат во Скопје, со голем концерт за да  ги отпее сите хитови од неговата богата музичка кариера, како „Миљачка“, „Први пољубац“…
 

Мега популарниот Аца Пејовиќ, пак, на 24 декември (сабота)  го најави својот голем солистички концерт концерт во Скопје, исто во Арената „Борис Трајковски“. 

Миленикот на публиката ќе ги испее неговите најголеми хитови како што се: „Не питај“, „Да си ту“, „Година и јаче“, „Макар задњи пут“, „Неверна“ и уште многу други. Особено Пејовиќ  е актуелен по мега-популарниот филм „Тома“, бидејќи токму тој ги пее песните кои се пеат во филмот, а пред триесет години ги испеа легендарниот Тома Здравковиќ.