Од синдикатот барале 10 отсто, добиле осум: УПОЗ и Владата се договорија за платите
Претставникот на УПОЗ е задоволен од зголемувањето на платите за административците, но за конечен договор треба да се изјаснат телата на синдикатот
Начелен договор за платите на административците бил постигнат на сребата помеѓу Владата и претставниците на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) што се одржа денеска во Владата. Како што изјави по средбата претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, договореното прво треба да се стави на хартија, а потоа за тоа да се изјаснат и телата и органите во синдикатот. Како што посочи Деаноски, платите на административците ќе се зголемуваат по осум отсто во секоја од наредните три години.
„Мило ми е што се прифати барањето на УПОЗ, додуша не во целост, меѓутоа додатоците на плата Владата прифати да ги исплаќа на вработените од админстрацијата и правосудството“, изјави по средбата претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Тој посочи дека како што најавувале минатата година, зголемувањата ќе бидат на неколку години, односно на три рати по 8 проценти.
„За жал, не по 10 проценти, но не ги добивме минатата година. Меѓутоа сега Владата прифаќа да ги исплаќа од сега заедно со почеток од март, на начин на што сите институции во државна управа и правосудство, значи судови, обвинителства, ќе треба да потпишат поединечни колективни договори за да го добијат ова право“, рече Деаноски.
Сепак, и покрај договореното во Владата, за тоа да се реализира, крајниот збор ќе го имаат органите и телата на синдикатот.
„Она што треба да се доработи е да се подготви текстот на овие колективни договори заедно со Владата, односно претставници на Владата и Синдикатот и тоа да биде ставено на гласање кај нас во синдикатот на органи и тела и да видиме дали колегите ќе го прифатат тоа на тој начин. Доколку колегите го прифатат, нема никаква пречка за потпишување на тие поединечни колективни договори. Доколку не го прифатат, Владата ќе добие наш одговор дека веќе се изгуби една година и вработените можеби ќе бараат повеќе од овој износ што сега е понуден и да видиме дали ќе има условување од страна на Владата за откажување од нешто друго“, додаде Деаноски.
Тој објасни дека методологијата е минималната плата, по вредност на бод, по бод за образование, и бод за ниво.
„Секогаш ние добиваме линеарен пораст со усогласување на минимална плата“, рече Деаноски, додавајќи дека математиката е ако мимнималната плата сега се зголеми за 1.500 денари, на тие 1.500 денари добиваат уште осум отсто. Почетна плата е 25 илјади денари, највисоката плата е 45 илјади денари, само една плата е над просечаната плата, додаде тој.
Проблем останува барањето на Владата, УПОЗ да се откаже од Општиот колективен договор на што од овој синдикат рекле дека тој е потпишан од ССМ и дека за тоа ќе мора да одлучи членството.
„Од наша страна беше предочено дека УПОЗ не е потписник на Општиот колективен договор и не може да се откаже од нешто на што не е потпишан, Беше инсистирано од странна на претставниците на Владата тоа да се стави во индивидуалните колективни договори. Затоа ние ќе чекаме одлука на членовите. Ако прифаќаат да се откажеме од Општиот колективен договор во ред“, рече Деаноски.
Вчера, премиерот Христијан Мицкоски излезе со детално објаснување како би изгледало зголемувањето на платите според владината формула. Притоа, како што објасни низ конкретен пример, доколку админитративен службеник добива плата од 35 илјади денари, а овогодинешното зголемување е 1.500 денари, тогаш платата би била 36.500 денари.
„Моделот што ние го нудиме е тој збир на платата да биде зголемен за осум посто, тоа ќе даде дополнителни средства. Следната година во март да препоставиме повторно зголемувањето на минималната плата да биде 1.500 денари. Тоа ќе значи платата на административците да се зголеми повторно за осум проценти. Третата година, во март 2028 да претпоставиме дека повторно минималната плата ќе се зголеми за 1.500 денари. Тие средства трет пат по ред зголемени за осум проценти се минимум 40 проценти од почетниот износ“, рече Мицкоски.
На истата тема:
Владата нуди своја формула за пресметување на покачувањето на платите во администрацијата