Од говор на омраза до геноцид – во Скопје со дебата ќе биде одбележана 30-годишнината од геноцидот во Сребреница


Со цел достоинствено, видливо и впечатливо да биде одбележана 30-годишнината од геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, Босна и Херцеговина, група невладини организации во земјава организира низа настани од културно-информативен и едукативен карактер во текот на месец јули.

Еден од настаните е дебата насловена „Лекција од Сребреница: Од говор на омраза до геноцид“, која ќе биде одржана на 2 јули, во 19 часот во Инокс-Иновативен центар на Плоштадот „Македонија“ во Скопје.

„Негирањето на геноцидот во Сребреница и говорот на омраза сè уште живеат меѓу нас – на мрежи, во коментари, на јавни форуми. Тишината повеќе не е опција. Заедно со млади луѓе, експерти ќе зборуваме за опасностите од негирање на геноцидот и ширење омраза на јавниот простор. Ќе зборуваме за тоа како говорот на омраза води до насилство, зошто е важно геноцидот да се нарекува со вистинското име, улогата на образованието, младите и граѓанското општество во борбата против негирањето и релативизацијата“, велат организаторите.

Според програмата на настанот, предвидено е најпрвин да биде прикажан краток документарен приказ за Сребреница подготвен од Меморијалниот центар во Сребреница. Потоа, програмата продолжува со 20-минутно излагање на комуникологот, авторот, проф. д-р Сеад Џигал, како и излагање на Деспина Ковачевска, специјалистка за мониторинг на медиуми од Фондацијата „Метаморфозис“.

Македонското собрание во февруари 2010 година усвои Декларација за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница. Резолуцијата беше усвоена во Ервропскиот парламент на 15 јануари 2009 година.

Клучни факти за геноцидот во Сребреница

 

Пред 30 години, односно во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на ОН“ во Сребреница.

Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и правосудствата во Србија и Хрватска до сега осудија вкупно 54 лица на 781 година затвор и пет доживотни казни затвор – за геноцид, злосторства против човечноста и други злосторства извршени во Сребреница во јули 1995 година.

Во геноцидот се убиени 8.372 лица, а десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми.

Во Меморијалниот центар Сребреница – Поточари до сега се закопани 6.751 жртва од геноцидот, додека околу 250 жртви се закопани во месните мезари (гробишта) по одлука на преживеаните членови на семејствата.

Жртвите потекнуваат од  различни општини, а најголем број од нив се од подрачјето на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќи.

Жртвите од геноцидот пронајдени се на 150 различни локалитети, од кои 77 се масовни гробници. Најмлада жртва до сега закопана во Поточари е новороденче, Фатима Мухиќ, а настара Шаха Измирлиќ родена во 1901 година.

За повеќе од илјада жртви од геноцидот сè уште се трага.