Од ЦЕРН до американски притвор: Како светски познат турски научник заврши зад решетки?


Турскиот физичар Фуркан Долек, кој беше исчезнат повеќе од една недела, се наоѓа во притворниот центар на американската имиграциска служба (ICE) во државата Њујорк, потврдија турските дипломатски институции по неколкудневна потрага на неговото семејство.

Според медиумите, Долек бил уапсен за време на протестниот марш кон Канада, кој го започнал откако му била отфрлена американската истражувачка виза. Неговата последна објава на LinkedIn на 27 август гласела: „Одев цел пат од Масен, во моментов сум во Аквесасне… Исцрпен сум, нозете ми горат, а стапалата ми се со плускавци… но сум благодарен што стигнав до тука.“

ICE потврди дека Долек, 37-годишен физичар кој работел во американската национална лабораторија Фермилаб преку соработка со Технолошкиот универзитет во Вирџинија, бил приведен во граничната патролна станица Месена во државата Њујорк. Неговото семејство наведува дека не му било дозволено да има редовни телефонски комуникации додека бил во притвор и дека ангажираните адвокати се обиделе да стапат во контакт со него.

Неговата сестра, Есра Долек Чошкун, изјави дека Долек бил префрлен во Федералниот притворен центар во Бафало и дека сè уште не е закажано сослушување.

Како што изјавила, успеала да разговара со него по телефон и потврдила дека звучи добро, но истакнала дека приоритет на семејството е тој што поскоро да се врати во Турција. Таа исто така додаде дека Генералниот конзулат на Турција во Њујорк внимателно го следи случајот и редовно го информира семејството за развојот на настаните.

Наводи за одмазда по пријавите за прекршувања на безбедноста

Според семејството и турските медиуми, Долек претходно поднел официјални жалби против Фермилаб за кршење на безбедносните протоколи, вклучително и случаи на изложеност на зрачење на работниците. После тоа, тврдат тие, наместо заштита како дојавувач, бил отпуштен, останал без правна заштита и се соочил со прекинување на неговата истражувачка виза J-1.

Техничкиот универзитет во Вирџинија потврди дека Долек бил вработен како постдокторски соработник на Одделот за физика од март 2023 до април 2024 година, со позиција во Фермилаб во Илиноис.

Долек го завршил докторатот во Швајцарија, а пред да работи во САД, бил вработен и во ЦЕРН, најголемиот центар во светот за истражување на физиката на честички. Со 664 научни публикации и повеќе од 19.000 цитати, тој влегува во оние еден процент најцитирани истражувачи во својата област.

Семејството со денови го бараше

Медиумите објавија за исчезнувањето на Долек кон крајот на август, откако семејството во Адана објави дека не можеле да стапат во контакт со него четири дена, плашејќи се за неговата безбедност. Неговото исчезнување се случи откако тој започна независен протестен марш до Канада, документирајќи го патувањето на социјалните медиуми.

Потоа неговото семејство истакна дека неговите телефони и компјутер биле конфискувани за време на наводното притворање и дека поради правната битка во САД биле принудени да го продадат семејниот дом. Тие исто така предупредија дека доколку се спроведат новите закони, тој би можел да биде префрлен во притвор надвор од САД.

Во своите публикации, Долек тврдеше дека истражувачи како него работат во небезбедни услови, без заштита, додека неправилностите се прикриваат, а оние кои проговоруваат страдаат од „измама и одмазда“.

Американските власти досега официјално не коментирале за неговиот случај.