Обвинителството бара максимални затворски казни за Урош Блажиќ за масакрот во Мало Орашје и Дубона


Во Специјалниот суд во Белград денеска имаше завршни зборови на судскиот процес за масовното убиство во селата Мало Орашје и Дубона против Урош Блажиќ и неговиот татко Радиша Блажиќ, за кои обвинителството побара максимални казни, јави дописникот на МИА од Белград.

Обвинетиот Урош Блажиќ изјави дека моли да биде „најстрого казнет“, велејќи дека сака да ги „искупи гревовите“. Тој им изрази сочувство на семејствата на жртвите што ги убил таа ноќ и додаде дека би сакал да ги донира своите органи на повредените во масакрот.

Блажиќ смета дека тој лично заслужува многу полошо од зборовите кои му ги упатуваа членовите на семејството на убиените, но дека не сака да зборува за масовното убиство бидејќи, како што наведе, не може да се најде мотив за вакво злосторство.

-Немам мотив. Тоа е некој вид на пореметеност. Некое зло. Во тој момент како да не бев јас таа личност, изјави Урош Блажиќ.

Одговарајќи на прашањата на Небојша Перовиќ, полномошникот на оштетените, Блажиќ рече дека бил револтиран кога го видел злосторството во ОУ „Владислав Рибникар“, додека само еден ден подоцна самиот уби девет, а повреди 12 лица.

Вишото јавно обвинителство во Смедерево му предложи на судот Урош Блажиќ, обвинет за масовни убиства во селата Мало Орашје и Дубона, да биде осуден на максимална затворска казна, а неговиот татко Радиша на 20 години затвор.

Со оглед на тоа што Блажиќ за време на делото сè уште немал 21 година, максималната затворска казна на која според законот може да биде осуден е 20 години.

Обвинителството предложи таткото на првообвинетиот Радиша Блажиќ да биде осуден на 20 години, бидејќи според ставот на Обвинителството создал услови за ова кривично дело, иако не пукал од пиштолот.

Главниот обвинител на Вишото јавно обвинителство во Смедерево, Иван Конатар, изјави дека одбраната на Урош Блажиќ е неприфатлива и е навреда за семејствата на жртвите.

Конатар нагласи дека злосторството е резултат на размислувањето на Блажиќ, како и дека тој ладнокрвно донел одлука, за што, меѓу другото, покажува и тоа што вежбал пукање во подрум и го најавил делото кога испратил порака до пријател.

На сите им е ускратен одговорот на прашањето зошто го направил тоа, рече Конатар и изјави дека Блажиќ нема искрено каење и сочувство, туку дека неговата одбрана има за цел само да го ослободи татко му од обвинението дека му набавил и дал оружје.

Конатар истакна дека сите изведени докази потврдуваат дека Блажиќ извршил кривични дела тешко убиство, недозволено носење оружје, неовластено користење туѓо возило и киднапирање. Обвинителот додаде дека Блажиќ бил свесен за делото што го направил и за последиците кои настанале.

Конатар истакна дека нема олеснителни околности на страната на Урош Блажиќ и му предложи на судот на Урош и Радиша Блажиќ да им се одреди притвор.

-Радиша Блажиќ имал афинитет кон оружјето, кое несомнено го пренел на својот син, рече Конатар и нагласи дека никој немал пристап до куќата во која било пронајдено оружјето, како и да никој друг, освен Радиша Блажиќ, тоа оружје, муниција и експлозиви ги внесол во куќата, бидејќи тоа е „типично воено оружје“.

Блажиќ е во притвор од апсењето, а Урош Блажиќ од 5 мај минатата година. Урош Блажиќ ја признал вината, а неговиот татко негирал дека го набавил оружјето со кое го извршило делото и другото оружје кое било пронајдено во нивната куќа по злосторството.

Урош Блажиќ е обвинет дека убил девет и ранил 12 лица.