Обука за парамедици во Охрид
Охридскиот Црвен Крст во партнерство со филијалата на организацијата на холандскиот град Зеволде, од 12 септември оваа година започна со реализација меѓународна напредна обука по прва помош или обика за парамедици (PHTLS – Prehospital Trauma Life Support).
Обуката ја води искусен инструктор за прва помош од Холандија, со обука за PHTLS завршена на Јеил универзитетот во САД и со огромно искуство во организација и спроведување посебни обуки за педијатриска прва помош, прва помош при користење на алкохол и психоактивни супстанци, прва помош при повреди во спортски активности и друго.
Обуката ја следат вкупно 13 кандидати – по двајца од организациите на Црвениот крст од Суботица, Крагуевац, Ужице и Бар, како и петмина кандидати од Црвен крст Охрид.
Вложувањата во надградба на сопствените човечки и материјални капацитети, особено во делот на првата помош, ќе помогне навремено и ефикасно да се одговори на потребите на заедницата и на оние на кои таква помош им е потребна, посочуваат од охридскиот Црвен крст.
„Значаен сегмент од нашето делување е едукацијата и ширењето на знаењата и вештините за укажување на прва помош со цел тие да бидат достапни за сите, како хуманитарен акт кој ги овластува луѓето да спасуваат животи и да помогнат во закрепнување од нагло настанати заболувања или повреди“, стои во соопштението.