Oблеката мириса лошо по перењето? Исчистете ја машината за перење користејќи три состојки
Доколку вашата облека има непријатен мирис по перењето во машина за перење, исчистете ја со помош на само три состојки кои веројатно веќе ги имате – алкохолен оцет, медицински алкохол и сода бикарбона.
Извадете ја фиоката од машината за перење. Истурете 100 милилитри алкохолен оцет во шише со распрскувач и испрскајте каде што обично е фиоката.
Фиоката треба да ја измиете со топла вода и да ја испрскате со оцет и да ја вратите во машината за перење. Во преградата каде што обично го истурате омекнувачот, истурете малку оцет, а во другите две прегради ставете сода бикарбона во количината во која вообичаено го ставате прашокот.
Во барабанот на машината за перење сипете приближно 450 милилитри оцет и вклучете ја на 90 степени. Откако машината ќе заврши со работа, отворете ја вратата и почекајте околу 10 минути.
Испрскајте алкохол во барабанот и избришете темелно со памучна крпа. Оваа постапка повторувајте ја еднаш месечно.