Објавени новинарите добитници на наградата „Гласник на невидливите“ за 2026 година


Фото: Б. Грданоски

Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) годинава по деветти пат ги истакна новинарите кои пишуваат за „невидливите“, т.е. маргинализираните групи и заедници во македонското општество.

„Оваа година настанот ќе има поинаков карактер. Годинава сме домаќини на гости од 8 земји кои го спроведуваат истиот проект и комуникацискиот тим на Европската мрежа против сиромаштијата – ЕАПН. Освен доделувањето на наградите ова е исклучителна шанса да се запознаете со работата на колегите новинари и на мрежите против сиромаштија од другите земји, но и да се вклучите во дискусија на темата ‘Медиумите и Сиромаштијата – Гласно против тишината’. Ви благодариме на интересот и посветеноста да им помогнете на невидливите. Секој ваш збор, фотографија и видео даваат надеж дека еден ден ова општество ќе биде подобро за сите, оопшти МППС.

Жирито кое одлучуваше кому ќе се доделат одличјата, го кажа својот последен збор. Списокот наградени, по азбучен ред, го сочинуваат:

1. Бојан Шашевски – за прилогот „Училниците уште не се ‘проветрени’ од дискриминацијата кон атипичните деца“;

2. Ирина Крстевска – за фотосторија „ГМП – Пат кон зависност и сива економија, наместо излез од сиромаштија?“;

3. Лени Фрчкоска и Марта Стевковска – „Женското е туѓа фамилија“;

4. Љубица Иванова – „Наставничката Маја е единствената вработена која се грижи за сите услови во училиштето во село Маврово“;

5. Магдалена Стојмановиќ-Константинов – „Замаглените лица на сиромаштијата“;

6. Михаил Милошевски – „Периките на хуманитарката Сашка Кузманова кои со пари не се купуваат“;

7. Слободан Иванов – „Глаголицата како парабола за денешното сеопфатно општество: Отворена изложбата ‘Глаголички откровенија’ на Томе Даневски во КИЦ – Скопје“;

8. Сунчица Стојановска Зоксимовска – „Македонци на ‘фармацевтски туризам’ во Косово и во Србија за поевтини лекови“.

Доделувањето на наградите „Гласник на невидливите“ ќе се случи во вторник, 16 јуни 2026 година, со почеток од 18:00 часот, во „Коворк-21“ на адреса ул. Македонија бр. 8 Скопје (бившо кино Вардар, сега приземје на ТВ21).