Објавена книгата „Македонистички вознеси“ од Кристина Николовска
Објавена е книгата „Македонистички вознеси“ од Кристина Николовска, во издание на „Панили“. Станува збор за ново книжевно-научно и есеистичко остварување во кое авторката ја продолжува својата долгогодишна посветеност на македонистиката, современата македонска книжевност, македонскиот јазик, културата и творечката меморија.
Книгата содржи студии, херменевтички толкувања, интерпретации, есеи и беседи за македонистичката творечка мисија во современата македонска поезија и проза од втората половина на XX век и од најновата продукција на XXI век. Делото е организирано во два дела: „Поетски вознеси“ и „Прозни вознеси“.
Во делот „Поетски вознеси“, Николовска пишува за Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Раде Силјан, Јордан Плевнеш, Зоран Пејковски, Иван Џепароски, Десанка Николова и Ирена Белешкова. Во делот „Прозни вознеси“ се застапени толкувања за делата на Јован Павловски, Владимир Петковски, Смиле Наумоски и Ивана Настева.
Рецензент на книгата е Веселинка Лаброска, дописен член на МАНУ, која во рецензијата оценува: „Делото ‘Македонистички вознеси’ од истакнатата литературна критичарка, теоретичарка и поетеса, проф. д-р Кристина Николовска е раскошен ‘мозаик’, инспириран од македонистичката мисија на творците на современата македонска поезија и проза од втората половина на 20 век и од најновата продукција на 21 век.“
Лаброска нагласува и дека книгата „има исклучително значење бидејќи прави длабинска херменевтика на суштината на нашиот македонствувачки творечки 20 и 21 век“. Во нејзината рецензија се истакнува дека „носечката идеја на зафатот, возвишува авторски монумент на грандиозната македонствувачка творечка мисија“, со што книгата се позиционира како дело што не само што толкува книжевни остварувања, туку и ја афирмира македонистичката културна свест.
Особена вредност на „Македонистички вознеси“ е тоа што научниот и критичкиот пристап на Николовска се отвора и кон пошироката читателска публика. Во рецензијата, Лаброска посочува дека пристапот на авторката е научен, но дека таа, „преку својот прекрасен, стилизиран, инвентивен и непосреден начин на изразување, преку оригинален и автентичен дискурс се отвора кон пошироката публика“.
Кристина Николовска е писателка, универзитетски професор, теоретичар на литературата, литературен критичар, есеист, поет и антологичар. Автор е на книги од областа на поезијата, теоријата на литературата, литературната критика, есеистиката, херменевтиката, беседништвото, монографската книжевна мисла и филозофските разговори. Работи како редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, а од септември 2023 година е директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.