Оаза среде пустина во Абу Даби: Секој ден ѝ требаат милиони литри вода


На сред пустина во Абу Даби е изградена река која е дел од парк вреден 50 милиони долари. Се тврди дека е место број еден за рафтинг, кајак и сурфање на Блискиот Исток.

Паркот „Al Ain Adventure“ се наоѓа во подножје на рид и претставува необична глетка во област каде што нема природни реки и каде температурата на воздухот во текот на летото е и до 49 Целзиусови степени.

Како што пренесува Си-ен-ен, овој парк е продолжение на традицијата од вештачки создадени објекти во оваа земја. Така има вештачки дожд, вештачки снег и вештачка плажа.

Речните канали на паркот се долги вкупно 1,2 километри, што им нуди на кајакарите и рафтерите предизвикувачко патување. Паркот е препознаен низ целиот свет, дури и меѓу спортските професионалци. Доаѓаат професионални рафтери, кајакари и сурфери. „Al Ain Adventure“ е особено популарна за тренинзи и редовно е домаќин на 300 спортисти од 35 земји.

Управувањето и одржувањето на паркот е предизвик. Водата во реката е десаленизирана вода од емиратот Рас Ал Каима, кој е оддалечен 300 километри. Десалинизацијата вклучува претворање на морската вода во слатка вода со цел да се задоволат највисоките стандарди. Секој ден се трошат 48,4 милиони литри вода.

Паркот „Al Ain Adventure“ беше повторно отворен во декември минатата година, по тригодишна пауза поради пандемијата на корона вирус, пренесува Си-ен-ен.