Призем(ј)ен речник


Фото: Б. Грданоски

АЛЕКСАНДРА М. МИТЕВСКА

Иако поминаа повеќе од четири години од лансирањето на првите „бомби“ од „Бихаќска“, дел од тогашните славни (или дегутантни) реплики ден денес се прераскажуваат во јавноста – меѓу другото и како пример за тоа како не треба да се однесуваат носители на највисоки државни функции по смената на власта, што СДСМ ја освои и на фонот од снимките од масовното нелегално прислушување. Тие снимки, покрај тоа што укажаа на крупни законски прекршувања, корупција и криминал во рамки на тогашната власт, сигнализираа и длабока неетичност во постапки на носители на високи државни или политички позиции што „мирисаа“ на ароганција, расипништво, врежани предрасуди и стереотипи, кратковидост во однос на различностите во општеството, но и на говор на омраза, дискриминација, дури и расизам…

Една од тие „славни реплики“ е секако онаа на некогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за „Циганите“ што некои локални моќници во Струмица ќе ги влечат за уши за да излезат на гласање: Тој разговор од локалните избори во 2013 година – при последниот реизбор на сегашниот премиер Зоран Заев за градоначалник, во пакет со забелешките за Албанците што локални моќници ќе ги држеле за гуша и за „човечињата“ од Пустец, предизвика лавина од реакции од разни НВО и ромски политички партии. Тоа, сепак, не беше доволно за Јанкулоска да понесе политичка одговорност, во атмосфера кога таа власт се вадеше од аферата со прислушувањето со приказни за жолти комбиња и за снимки кои се сечени, лепени и монтирани. Неколку месеци по објавување на оваа снимка, Јанкулоска и уште неколкумина од најтесното опкружување на тогашниот премиер Никола Груевски, сепак, беа принудени да дадат оставки – по настаните во кумановско Диво Насеље.

Сè потоа е историја за ВМРО-ДПМНЕ – и губењето на власта во неславни околности и дузината постапки за кривична одговорност за некогашни функционери на оваа партија, вклучително со Јанкулоска, чие име е едно од „најредовните“ во предметите на СЈО. А можеби работите ќе се одвиваа поинаку доколку тогашната влада навреме понесеше политичка одговорност за скандалите што секојдневно ѝ се сервираа на јавноста преку „бомбите“ што одекнуваа од „Бихаќска“. Ако ништо друго, така барем ќе беше избегнат оној драматичен епилог на една декадентна власт, кој се одигра на 27 април 2017 година, а кој потоа донесе серија кривични постапки против членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Репликата на Јанкулоска – „Циганите ќе ги влечеме еден по еден за уши“ стана повторно актуелна овие денови, додека околу сегашната постава на „Илинденска“ се развива скандалот со М-НАВ во кој како главен лик се посочува сегашниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. И тоа токму во време кога премиерот ја реализира „чистката“ што ја најави меѓу двата круга од неодамнешните претседателски избори, за што како еден од основните критериуми ја најави и ароганцијата на функционерите.

Далеку од тоа дека суштината на овој случај е непримерниот вокабулар на можеби вториот човек во Владата, кој, слично како и некои поранешни ликови на „Илинденска“, во навредлив контекст довикува „Цигани“ и Италија ја нарекува „ебиветер држава“… Сепак, тоа е детаљот кој мошне сликовито укажува дека во високата политика и натаму фигурираат ликови кои се склони кон дискриминација и кои и во официјална комуникација користат уличен речник, што упатува на предрасуди и стереотипи кон одредена држава или етничка заедница…

Со самото тоа што погрдните зборови се изнесени во еден од кабинетите во владината зграда, тие не зборуваат лошо само за еден од соговорниците во разговорот, кој, за волја на вистината, е сниман неовластено. Туку тие се лоша препорака и за сегашната извршна власт во целина. Затоа што може да се сметаат и како показател дека не сите ги научиле основните „лекции“ од бомбите, меѓу кои и онаа како не треба да се однесува и што не смее да прави една политичка постава што ја освоила власта, меѓу другото, и на бранот на големите очекувања на граѓаните дека ќе нема „реприза“ на ароганцијата, недопирливоста и неодговорноста што особено ги обележаа последните години од владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е етичкиот аспект на случајот што исплива на површина од објавената снимка од разговор во кабинетот на Рашковски за тендер и избор на фирма за изградба на систем за модернизација на македонската воздухопловна навигација. Што се однесува до правниот или институционалниот аспект на случајот, односно евентуалната кривична одговорност, законски прекршувања, неовластено снимање од страна на соговорниците на генералниот секретар на Владата или негово неовластено постапување… тука проблемот ќе мора да го расчистуваат надлежните органи евентуално да утврдат кривична одговорност.

Што се однесува до моралната одговорност, тоа е прашање со кое треба да се позанимава или самиот Рашковски или премиерот Заев или, пак, обновената влада во целина… Конечно, доблесно е што Рашковски се извини „до небо“ за приземниот речник. Ама, тоа лично извинување „со цесија“, секако, не го решава сериозниот проблем со македонското „небо“ (поточно со навигацијата), ниту, пак, ќе го избрише лошиот впечаток што се создаде за целата влада поради однесувањето на еден нејзин висок функционер.