Има потреба од средба, нема(ше) потреба од драма


Александра М. Митевска

Не е тешко да се замисли сликата како Христијан Мицковски набрзина ги пакува куферите во некој хотел во Италија, и трча да го фати првиот лет за што побрзо да стигне во Скопје. По пат кон аеродромот му ѕвони на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, за да му даде инструкции да свика итна прес-конференција и да побара уште следниот ден да се одржи лидерска средба за името.

Да не го нарушеше Јанушев мирот на неделното попладне, можеби, никој во земјава немаше ни да претпоставува дека искрснала некоја драматична политичка ситуација поради која опозицијата мораше да ја приреди целата таа драма со прекинувањето на турнејата на Мицкоски во Словенија и во Италија и откажувањето на неговите средби со нашите иселеници. Зашто првиот впечаток од последната средба меѓу шефовите на дипломатијата на Македонија и Грција во Сунио беше дека тоа е уште една од низата состаноци во изминатите месеци на кои постепено се приближуваат ставовите околу проблемот со името, иако исходот од тој процес и натаму е неизвесен, независно од очекувањата дека се наѕира епилогот. Што се однесува, пак, до престојаната средба меѓу премиерите да двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас, и таа не е некое изненадување ниту некоја вонредна ситуација поради која опозицискиот лидер мораше непланирано да слетува на аеродромот кај Петровец.

Едно деноноќие по алармантниот повик од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ упатен до владејачкиот естаблишмент, евидентно е дека немало потреба од толкава вознемиреност и нервоза кај раководството на опозициската партија. Како што е исто така очигледно дека на Мицковски не му е толку важно да се види со Заев и со Никола Димитров и да разговара со нив за името, колку што му е важно да најде наратив за мобилизација на поголема критична маса против наводното ретерирање на Владата во ставовите за неменување на Уставот и за одржување референдум.

Со оглед на поделеноста на разни струи во опозицискиот табор и апатичноста на поддржувачите на десницата, кои до пред една година беа многу поактивни на улиците и на трибините, на новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ се чини дека му е потребно дополнително да испроблематизира некоја доволно деликатна и сензитивна тема како што е проблемот со името. Зашто само така може да ги збие опозициските редови и да ги разбуди некогашни контрапротестанти на опозицијата, така што ќе испровоцира нивна „трансформација“ во протестанти против сега владејачката партија.

Протестите кон крајот на минатата година за ослободување на осомничените за настаните во парламентот на 27 април 2017 година, што ВМРО-ДПМНЕ ги прекина без образложение веднаш по смената на партиското кормило, всушност, покажаа дека е прерано новата опозиција да ги „окупира“ улиците, особено ако се има предвид нејзиното претходно владеење подолго од една деценија. Затоа, на Мицкоски, веројатно, сега му се потребни аргументи за да може да одржи барем еден пристоен митинг – на годишнината откако Заев ја презеде власта, кога веќе не успеа да ги организира сите тие големи протести во континуитет што ги најавуваше за овој месец. Меѓутоа, веќе помина половина мај, додека Мицкоски, наместо на улица со толпи поддржувачи, најчесто го гледаме на видеообраќања каде што сам ја критикува власта на дневно-политичка основа.

Да нема забуна, сосема легитимно е опозицијата да бара лидерска средба особено за прашање какво што е проблемот со името, во чие надминување треба да е вклучена со тоа што благовремено ќе биде информирана за сите новини во процесот. Но недозволиво е за опозицијата да прави драма од сето тоа и непотребно да крева тревога, кога веќе претходно одбиваше такви средби за да си остави простор да обвинува во меѓувреме дека не е информирана што се случува на релација Скопје – Атина.

Всушност, полесно е да се најде разбирање за претходните одбивања на опозицијата за лидерска средба, отколку за сегашната ургентност во нејзиниот тон, со оглед на тоа што преговорите за името сега се одвиваат потранспарентно од кога било досега. Во ситуација кога текот на преговорите со Грција се неодминлив дел на сите дневни изјави на носителите на високи функции во власта, неодминлив е и впечатокот итноста што ја наметна Мицкоски има друга заднина. Дека тој, всушност, бара средба за да не ја добие, затоа што опозицијата не чека да се реши името за да се отворат евроатлантските перспективи на државата, туку сака решение за да може да направи проблем.