Нултиот пациент го добил ХИВ вирусот во Првата светска војна?!


Вирусот на ХИВ кој предизвикува СИДА најверојатно преминал од шимпанза на човек поради невнимателност на изгладнет војник од Првата светска војна, кој бил приморан да лови животни за да преживее, вели канадскиот микробиолог Жак Пепен.

Непознатиот нулти пациент бил дел од инвазијата на 1.600 белгиски и француски трупери, кои заедно со 4.000 соборци од Африка патувале од Леополдвил од белгиски Конго до оддалечена база во Камерун, вели Пепен, кој работел како доктор во централна Африка во осумдесеттите години на минатиот век, пренесе Њујорк пост.

Пепен, професор на Одделениоето за микробиологија и инфективни болести на универзитетот Шербрук во Канада, изнесе интересна хипотеза во новото издание на неговата книга „Почетоци на СИДА-та“.

Нултиот пациент најверојатно бил повреден по убивање на едно шимпанзо, кое било инфицирано со сличен вирус, претходник на ХИВ, а предизвикува СИДА, напиша Пепен во текст за Универзитетот Кембриџ.

Во првото издание на книгата во 2011 година, Пепен рече дека ХИВ вирусот преминал од шимпанзата на човекот откако повреден африкански ловџија во 1921 година убил едно од животните и така се заразил.

Пепен потоа објасни дека ХИВ вирусот продолжил да се шири по целиот свет со „колонизацијата, проституцијата и кампањите за јавно здравје во кои недозтасувале вообичаените безбедносни протоколи како забрана за делење на иглата“.

Но, во второто издание на книгата, објавено овој месец, Пепен се потпира на истражување во медицинските архиви во Африка и во Европа , сугерирајќи дека нултиот пациент не бил ловец, туку изгладнет војник од Првата светска војна, кој бил принуден да лови жимпанза за да се прехрани, кога неговиот полк заглавил во зафрлена шума околу Молоунду во Камерун и останал без залихи од храна.