Новото не е ново

Осврт на „Епилог-форма на расправа“ на Јане Чаловски и Христина Иваноска и „Ослободување на просторот-без рушење“ на кураторите Марија Мано Велевска и Слободан Велевски во МСУ

Две изложби што се во трендот не понудија ништо ново ниту возбудливо во постојниот крајно анемичен творечки живот. И двата проекта базирани врз концепт и идеи на поединци ја отсликуваат длабоката криза на општеството, вклучително и на институцијата во која се изложени. И двата проекта, добро „спакувани“, следат глобалистички наметнато клише на претставување (есперанто кое не води сметка за богатството на дијалектите), без да се види и почувствува автентичната мотивираност од сопствените корени и состојби, длабоко поврзани со идентитетот и нашето препознавање во светот. Тие изгледаат студено и безидејно, сосема актуелно на општата состојба на рамнодушност и мртвило. Критичка мисла за ликовната уметност и архитектурата речиси не постои, како што стручњаците од овие области се безгласни букви во едно целосно партизирано општество. Збрканоста се зголемува во време на забрзан живот и несигурност, на целосно изместени вредности и динамика во која парадоксално изгледа дека ништо суштествено не се менува. Празнините во културниот и уметничкиот развој, во историјата и сеќавањето не се надоместуваат или исполнуваат со идејата на „забрзан развој“ туку (до некаде) со вистинска творечка ангажираност. Наместо квалитетни, се промовираат дилетантски изложби и проекти, а некои од нив стигнуваат како национални претставници на одделни меѓународни изложби. Не е само духовита анегдота дека живееме во време кога уметниците се преправаат дека творат и создаваат култура, а државата се преправа дека финансира. Повеќе од очигледен е фактот дека, сообразувајќи се, не успеваме да фатиме чекор со светските движења во ликовната уметност и архитектурата. Повеќе следиме отколку што партиципираме. Не треба да се заборави: Сè додека живее културата, ќе опстои човекот, рекол писателот-државник Ленарт Мери.
Проектот на Јане Чаловски и Христина Иваноска е претставен со постери и цртежи, објекти и текстови грижливо обработени во манир на минимализмот и предзнаковната оформеност на делата. Преовладува формата на круг и редуциран хроматизам, монохромија која не е сликарство и објекти (од делото Школка) кои не се скулптура. Една невообичаена практика: експонатите се поставени подолу од нормалната визура, во правилен ритам и значителни растојанија меѓу нив. Таквата компонираност на елементите ја нагласува просторноста во разредени каденци, како и извесната релација воспоставена меѓу текстот и визуелната предлошка. Подизменет е начинот на комуникација меѓу елементите од изложбата и поединецот од замислената публика, меѓутоа останува впечатокот на применет збир постапки од регистарот на постмодернизмот. Текстовите во мал дел се однесуваат на ликовните дела и на некои локални теми и состојби (реафирмација на Роса Плавева и феминистичкиот агол на гледање, летристичката игра со зборот култура-некултура итн.), меѓутоа, доминираат наведени цитати од странски автори и актуелни теми од теорија на идентитетите. Експонатите, обликувани рационално и поставени на површината на дводимензионалниот простор, се јасни и откриени без да сугерираат некои скриени слоеви на назначености или какви било изненадувања. Останува впечатокот за една молчалива и застарена „чиста“ форма која е резултат на големото израмнување, без сила на убедување на нивниот „континуиран есеј“. Субјектот, пишува Жан Бодријар, исчезнува на хоризонтот на објектот. Ќе го цитирам првиот дел од воведниот текст за изложбата, во кој се вели: Уметничката практика на Јане Чаловски и Христина Иваноска е интердисциплинарна и контекст-базирана во која се третираат прашања за односот помеѓу уметноста и политиката на репрезентација, маргинализирани појави од историско значење (личности, објекти, теории, концепти) и нивна реинтерпретација преку нови процесни продукции и просторни сценарија и визуелна есеистика, кои се суштински постулати и во серијата од три изложби од кои „Епилог – форма на расправа“ е трета и последна. Во текстот се спомнува нивната преокупираност со теориите на „Отворена форма“ и на „континуираниот систем на Оскар Хансен“.
Во истиот музеј се изложени макети на архитектонски проекти, со фотографии и текст (без печатен материјал) на кои се претставени елементите на нови предлози за интервенции врз постојни објекти во градот Скопје на кои порано се направени неколку измени. Проектот со заеднички (симптоматичен) наслов „Ослободување на просторот – без рушење“ беше претставен во 2018 година, во павилјонот на Република Македонија во рамки на 16. Меѓународна архитектонска изложба во Венеција. Станува збор за група млади архитекти кои се автори на четири проекти и посебни концепти кои се однесуваат на исто толку објекти и места изведени во време на модернизмот (1963 – 1985), несреќно изменети со „Скопје 2014“. Со овој проект-без проект се изврши насилно бришење на духот и идентитетот на местото, особено на централниот плоштад и просторот на кејот на кои опстојуваше своевидна синтеза на елементи на традицијата и модернизмот (кој со еден дел доби и поширока афирмација). Применет е застарен концепт на традиционализам кој значеше: фасадите да се покријат со нова обвивка, а меѓу постојните објекти насилно да се вметнат нови згради, во стар или помодерен „стил“, со што е создадена неприродна густина, со малку слободен простор меѓу зградите (сето тоа одеше под заедничките нејасно дефинирани поими на „антиквизација“ и „барок“). Авторите во изработката на своите изложени проекти, со задоцнување се фокусирале на познати објекти и локации, предлагајќи нови решенија врз основа на веќе создадени објекти, без елементи на хуман предзнак ниту поширок поглед на градот и неговата проблематика. Станува збор за зградата на МНТ (институција од културата), за комплексот Пошта, Стоковната куќа (НА-МА) и зградата на Владата (ЦК –СКМ). Од убав град Скопје стана грдо место за живеење. Проектот „Скопје 2014“ почна да се реализира без јавна расправа, надвор од сите закони и норми. Тој остана недовршен и изгледа како грд упад во центарот на градот, со кој е игнорирана современата архитектонско-урбанистичка мисла и чувство за градот. (Таквиот концепт-без концепт беше аматерски поврзан со постмодернизмот.)
Извесната стручна прецизност се чини недоволно уверлива во анализата и објаснувањето на предложените концепти, нивниот „нов конструктивен поглед кон иднината“ во време кога ништо суштествено не се сменило, меѓу другото и во поглед на толку критикуваното „Скопје 2014“. Понудените идеи токму поради тоа се чинат иреално во контекст на големите егзистенцијални проблеми кои ги прават несреќни граѓаните на Скопје (проблеми со сообраќајот, загаденоста, натрупаноста на градот со нефункционални објекти, примитивизмот итн.). Авторите на новите замисли предлагаат интервенција или корекции во рамки на веќе изменетите стари-нови објекти, проекти направени рутински и сосема рамнодушно спрема постојните проблеми на градот. Кафка (писател и цртач) забележал: Ниеден изграден мост, додека не е срушен, не може да престане да биде мост. Концептот на младите архитекти нема белези на автентичност, ниту на полетност што би го оправдало, барем на планот на идеи. Работите одат по старо, ништо не се менува, вклучително и состојбите околу „Скопје 2014“ и токму затоа со сигурност може да се констатира дека какво било рушење е невозможен потфат. Авторите се сообразиле со таквиот тренд, без оглед што реакцијата на негативните појави е направена постфестум. Сите сме виновни ако ги затвораме очите (д-р Брунтланд). Во животот работите се многу посложени и едновремено пореални. Тие бараат брзи промени. Тие ја афирмираат, во форма на флоскули, идејата за „препознавање и поимање на јавните згради како јавни простори“, предлагајќи свој „критички однос кон сегашноста и кон претходните слоеви“, што нејасно и без доволно аргументација се поврзува со поимите на „изворното и новото“. Можно е да се работи за погрешна перцепција и проценка (надвор од архитектурата како функција и уметност), како и за мешање на стварноста и имагинацијата (со ограничен досег), без да се води сметка за можностите и хуманите претпоставки и цели на секој проект поединечно. Покрај тоа, постои ризик, со таков пристап – без рушење на овие цврсто изградени објекти, да се создаде нов хибриден кич на архитектура без архитектура. Всушност, останува прашањето како архитектонските објекти да ги вратиме на својот оригинал, вклучително и нивното опкружување, особено за централното подрачје на градот, а потоа да се размислува за нови решенија и хумани содржини.
Меѓутоа, отворените прашања и проблеми не завршуваат тука.
Камениот мост (амблемот на Скопје) е соголен од карактеристичните детали. Офицерскиот дом (кој не требало да се руши во 1963) одново се гради во стеснетиот простор на натрупаниот плоштад. Некој дозволил до оградата на Архивот на град Скопје да се подигнат станбени згради кои го затскриваат погледот на ова значајно архитектонско дело од Г. Константиновски. До студентскиот дом „Гоце Делчев“ (од истиот автор) сè уште постои голема депонија во недовршен објект на чии бетонски ѕидови (без покрив) се насликани интересни графити творби? Тоа не се единствени примери на негрижа, на грди и загадени места во градот (тука е ѓубрето расфрлано до Клинички, мобилните тоалети-кабини распоредени по целиот град итн.).

Владимир Величковски