Ново СЈО, со нова шефица


Фото: Б. Грданоски

Наместо дебата во Клубот на пратеници за статусот на Специјалното јавно обвинителство, премиерот Зоран Заев ја откажа вчера лидерската средба и најави нов закон за јавното обвинителство со кој е опфатено и обвинитеството преку кое сега се прекршува скандалот наречен „Rекет“.
Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, остана до крај на ставот да не присуствува на лидерската средба што требаше да се одржи вчера, Заев на прес-конференција го соопшти новиот модел според кој би било структуирано и би функционирало СЈО. Тоа како институција би била дел од редовното обвинителство, така што ќе се спои со Обвинителството за организиран криминал, со кое раководи Вилма Русковска. Таа ќе биде предложена и за шефица на обвинителството кое ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција – со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејствување, што одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на државното Јавно обвинителство.
Во текстот на законот е вградена одредба дека првиот човек на ова јавно обвинителство ќе може да се разреши единствено со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови на Советот на јавни обвинители. Сите обвинители од СЈО, како што се предлага, ќе продолжат да работат во новото обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.
„На овој начин ќе се обезбедат досегашната структура и ресурси на СЈО во нова форма и без каква било можност политичарите да одлучуваат за составот и раководството. Тие одлуки ќе ги носи Советот за јавни обвинители. Сите случаи кои се пред судовите, а се во надлежност на СЈО, ќе ги застапува новото обвинителство во фазата во која се застанати. Останатите вработени во СЈО, истражителите, архивата, материјалите, средствата, опремата преминуваат во новото обвинителство“, рече Заев.
Висината на средствата за работа на ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција ќе се уредува според финансиски план на шефот на оваа институција, кој потоа се доставува до Министерството за финансии. Владата и Собранието нема да можат да го менуваат предложениот финансиски план и се должни да обезбедат средства за непречена работа.
Владејачките партии и опозицијата со месеци наназад водеа преговори за новиот закон за јавно обвинителство, со кој требаше да се реши статусот на СЈО. Притоа, главно барање на опозицијата беше да се поништат истрагите што тимот на Катица Јанева ги отвори по 30 јуни 2017 година и обвиненијата покренати по тој датум. Владата, пак, таквото барање го сметаше за обид за своевидна амнестија. Исто така, трн во око на опозицијата беше главната специјална обвинителка Катица Јанева, за која првично кај власта немаше расположение да биде пуштена „низ вода“. Но, пред неколку дена, Јанева поднесе оставка, по што нејзиното име почна да се става во контекст на можна инволвираност во случајот „Рекет“.
„Откако Јанева ја депонираше својата оставка, не гледаме избор од опозицијата да избегнува разговори и договори за ова прашање, освен ако нема намера и натаму да нанесува штета на државата и да заштитува нечиј криминал“, рече Заев.
Најаваат за нов закон за јавното обвинителство е втор потег што го презема Заев, како премиер и лидер на СДСМ, по избувнувањето на случајот „Рекет“. Во четвртокот вечерта заседаваше и централниот одбор на владејачката партија, каде што се расправало за актуелната политичка ситуација. Раководството на СДСМ донесе декларација за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.
„Борбата против криминалот и корупцијата не е само наш критериум за евроинтеграциите, туку е нешто кое носи живот, вредности во државата и е од клучно значење за напредокот, за економскиот раст, за нови работни места“, изјави вчера Заев.
За откажувањето на лидерската средба, тој посочи дека за Владата не се прифатливи ултиматуми, кои тргнуваат од позицијата да штитат криминал и кои ги ставаат партиски пред државните интереси. „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбија лидерска без аргументи и без разум“, додаде тој.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека, кога ќе го добијат ќе го анализираат предлогот за ново законско решение за јавното обвинителство што го најави премиерот Зоран Заев.
„Не можеме ништо да коментираме сè додека не го добиеме и формално предлогот за нов закон. Кога ќе го добиеме, ќе го предадеме на анализа на правната комисија во партијата и на тимот кој учествуваше во разговорите за статусот на СЈО. Сè додека не го изанализираме новиот текст на закон што го предлага Заев, ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на подготовка на законот за СЈО што ние го најавивме“, ни изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
За предлогот Русковска да биде шефица на новото обвинителство кон кое ќе се приклучи СЈО, Арсовски вели дека тоа е само желба на премиерот.
„Тоа е само желба на Заев. Очигледни се неговата желба и намера да се амнестира себеси и тие околу него прикажувајќи ја притоа ВМРО-ДПМНЕ како кочничар на процесите“, вели Арсовски.
Во однос на лидерската средба која беше откажана откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одби да учествува на неа, Арсовски посочи дека не држат вода тезите дека опозицијата бега од нов изборен модел.


Со или без ВМРО-ДПМНЕ – до мнозинство за новото СЈО

Новото законско решение следната недела ќе биде доставено во Собранието, а во него, како што рече Заев, се вградени сите точки за кои е разговарано со опозицијата и со сите пратенички групи и кои се прифатливи за најголем број пратеници. Претходно, предлог-законот ќе биде доставен до сите политички партии.
Заев изјави дека очекува првите луѓе на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Беса, Христијан Мицкоски и Билал Касами, да излезат со заеднички став од вчерашната средба што се одржуваше паралелно со неговата прес-конференција во Владата.
„Веројатно ќе излезат со заеднички став дека е сега време да застанеме и да поддржиме нешто за кое и опозицијата се залага“, рече Заев.
На завчерашната седница на ЦО на СДСМ, според информациите, се разговарало и дека треба да се најде начин за донесување на законите што се важни за исполнување на европските критериуми, и во случај да не се обезбеди консензус со ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед на тоа што новиот закон за јавното обвинителство е еден од клучните критериуми за ЕУ, а за негово донесување е потребно двотретинско мнозинство, не се исклучува можност и во овој пат да се обезбедува кворум по спореден пат, доколку не се постигне согласност со ВМРО-ДПМНЕ.
Другите партии што се застапени во собранието, вклучително со независната пратеничка група, вчера главно чекаа да го добијат текстот на новиот закон за јавното обвинителство за да кажат дали има простор да гласаа за негово донесување.

Ќе има ли Пендаровски повеќе среќа за лидерска средба?

Вчерашната лидерска средба пропадна поради најавеното отсуство на Мицкоски, иако другите двајца поканети лидери Али Ахмети од ДУИ и Зијадин Села од Алијансата за Албанците рекоа дека ќе дојдат во Клубот на пратеници.
Во интервју за Радио слободна Европа, Пендаровски изјавил дека не би сакал да ја поткопува иницијативата на премиерот за лидерска средба за важни прашања, ама дека смета оти вистинското место за тоа е кај шефот на државата.
„Сакам да бидам искрен. Мислам дека за неколку битни прашања, како што е на пример идната позиционираност на СЈО во нашиот правосуден систем или пописот кој за жал почна да се политизира, иако законот сè уште не е донесен и неколку други слични битни работи, мислам дека вистинското место за средби е кај претседателот на државата“, рекол Пендаровски.
Тој додава дека се сомнева оти поради големата политичка поделба меѓу двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е можна продуктивна средба од тој формат кога едната или другата партија е организатор.